Connect with us

Свет

ЕП повика на правилно спроведување на регулативите на ЕУ за животната средина

Европската комисија и земјите членки на ЕУ треба да ги исполнат очекувањата на граѓаните за заштита на климата и да обезбедат правилно спроведување на регулативите на Унијата за животната средина, се наведува во Годишниот извештај за 2024 година на Комитетот за петиции на Европскиот парламент. 

Во Извештајот, усвоен денеска со 28 гласа „за“, ниту еден „против“ и тројца „воздржани“, се нагласува дека трета година по ред најмногу петиции на граѓаните на ЕУ доставени до Комитетот се однесуваат на прашања поврзани со животната средина, по што следуваат основните права. 

– Трета година по ред, животната средина беше најчесто покренуваното прашање во 20,1 отсто од сите петиции, по што следуваат лични прашања честопати поврзани со секундарна тема со 13,2 проценти, основните права со 11,4, внатрешниот пазар со 11,2 и правдата со 9,1 отсто, се наведува во документот. 

Во поднесените петиции поврзани со животната средина во 2024 година најмногу доминирале прашања поврзани во работата на Европската комисија, како заштитениот статус на волците, правилата на ЕУ за уништување на шумите, токсичноста на пестицидите, заштитата на почвата, третманот на отпадот, зголемувањето на трошоците за живот, како и наводното влијание на индустријата за фосилни горива при носењето одлуки во Унијата. 

Други прашања во доставените петиции се однесувале на заштитата на личните податоци, правата на работниците, приемот на мигранти и баратели на азил и заштита на правата на децата, вклучително и нивната онлајн безбедност.  

– Во услови на сериозен недостиг на наставници низ цела ЕУ, европратениците ги повикуваат Комисијата и земјите членки да ги зајакнат училишните системи и да ја направат професијата наставник попривлечна, се вели меѓу другото во Извештајот. 

Според известителот по Извештајот, грчкиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Фредис Белерис огромната поддршка за документот од страна на членовите на Комитетот за петиции испраќа јасна порака дека Европарламентот е посветен на зајакнување на гласот на европските граѓани. 

– Почитување на петициите е камен-темелник на партиципативната демократија и витална алатка за откривање на случаите на погрешна примена или прекршување на правото на ЕУ, додаде Белерис. 

Со Договорите на ЕУ на граѓаните им е загарантирано правото да поднесуваат петиции до Европскиот парламент за различни прашања од доменот на надлежностите на Унијата.  

Во 2024 година до ЕП биле доставени 1.518 петиции, од кои дури 82,3 отсто биле поднесени преку веб-порталот за петиции.