Култура
Во Велес ќе се одржи 4.Фестивал на џез, world и современа музика

На две локации на паркинг просторот на Велешкиот театар и на платото на Спомен костурницата од 25 до 28 септември во Велес ќе се одржи 4.Фестивал на џез, world и современа музика, на кој освен познати македонски музичари ќе настапи и музичар од САД од Чикаго, како и музичари од Грција.
Фестивалот го организира Здружението за култура и уметност „АРТ ГЕНЕРТОР“ со делегирана надлежност на Општина Велес и со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Како што информира Славчо Коцев од „АРТ ГЕНЕРТОР“ на денешната прес-конференција, Фестивалот ќе започне со работилница за цијанотипија – стара метода за изработка на фотографии, а ќе се одржи во четврток од 12 часот во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Воедно вечерта во четврток од 19 часот, исто така во Театарот, ќе биде отворена и ликовна изложба насловена „Преиспитувања“ на Тони Попов и Никола Пијанманов.
Првата вечер на отворање на фестивалот на 26 септември во 21 часот, на отворањето ќе настапи музичарот на труба Mc Colough од Чикаго САД, а потоа и македонските музичари Спасовски,Туфекчиевски и Филиповски.
Организаторите најавија дека после секоја фестивалска вечер ќе има и парти забави со диџеи.

Инаку влезниците за првата фестивалска вечер се 500 денари, за настапот на Влатко Стефановски ТРИО е илјада денари, а за останатите по 300 денари или блок картите со попуст за сите фестивалски вечери се 1300 денари.
Општина Велес за фестивалот ќе издвои 600 илјади денари, а Министерството за култура и туризам 220 илјади денари.
Градоначалникот Марко Колев на денешната прес-конференција потсети дека фестивалот пред 4 години е организиран со одлука на Советот на Општина Велес. Тој ги повика сите љубители на музиката од Велес и земјава од 26 до 28 септември да дојдат на добра музика и забава во Велес.
Фаик Мефаиловски од здружението „АРТ ГНЕРАТОР“ потенцира дека овој фестивал е посебен затоа што на него се изведува само авторска музика. Ги информира посетителите дека паркингот на Театарот нема да биде за паркирање бидејќи таму ќе се одржува фестивалот, па ќе треба да си најдат друг паркинг.
-Го организираме овој фестивал со цел да придонесеме за децентрализација и деметрополизација на културата и уметноста од Скопје во останатите градови. Преку овој Фестивал во Велес сакаме да донесеме квалитетна музика, затоа сметаме и дека овој фестивал е од исклучителна важност за Велес, потенцира Мефаиловски.
септември 24, 2025