Економија
Стопанска комора: Кардиолозите и бизнисмените заедно против срцевата слабост

Истражувањата покажуваат дека хроничниот стрес на високи позиции ја зголемува веројатноста за срцев удар за 40%, дури и кај луѓе без други ризик фактори. Високото ниво на стрес, во комбинација со долгите работни часови, неправилниот режим на одмор и недостатокот на физичка активност ја ставаат групата на стопанственици, претприемачи и менаџери помеѓу критичните групи за ризикот од срцева слабост. Како претставници на бизнисот, ние имаме и поширока општествена задача, но и одговорност – да придонесуваме кон јавното здравје и да работиме на подигање на свеста за важноста на превенцијата.
Затоа, кога пред повеќе од цела година д-р Тања Анѓушева и проф. д-р Јорго Костов ми се обратија со идејата како Стопанска комора да ја поддржиме идејата за воспоставување на некаква форма на континуирана едукација на кардиолозите и средниот медицински персонал за дијагностика и менаџирање на пациентите со срцева слабост, немав никаква дилема дека треба со сите напори да ја поддржиме иницијативата.
Оваа недела – таа идеја стигнува до својата конкретна реализација. Тимот на Македонското здружение по кардиологија ќе биде домаќин на врвен едукативен настан – Регионална школа за срцева слабост, која на едно место ги собира водечките европски кардиолози. Организиран во соработка со Центарот за срце од Цирих и Центарот за срце од Лондон, како настан одобрен од Здружението за срцева слабост на Европското здружение за кардиологија, и на едно место ќе ги собере водечките европски и регионални експерти од областа. Овој настан претставува прилика за етаблирање на Северна Македонија како водечки центар во областа на срцевата слабост, но и прилика активно да работиме на подигнување на јавната свест кај сите засегнати чинители.
На настанот свои обраќања ќе имаат и Томас Лушер, еден од програмските директорите на Школата, кој е директор за истражување, едукација и развој и консултант кардиолог во Кралскиот болнички фонд Бромптон и Харфилд, професор по кардиологија на Империјал колеџот во Лондон, и водечки професионален во Европското здружение по кардиологија, како и Марко Метра, претседател на Асоцијацијата за срцева слабост на Европското кардиолошко здружение, редовен професор по кардиологија на Одделот за медицински и хируршки специјалности, радиолошки науки и јавно здравје на Универзитетот во Бреша и директор на Институтот за кардиологија на Граѓанската болница и Универзитетот во Бреша.
Зошто е ова важно за стопанствениците? Да се вратам на почетокот на овој текст – ние ја претставуваме една од критичните групи за ризикот од срцева слабост. Затоа, во рамки на Школата ќе организираме посебна работилница за бизнис заедницата, на која менаџерите ќе имаат можност за дискусија со водечките кардиолози од Европа и директна интеракција/консултации со нив за превенцијата на кардиоваскуларни заболувања. Ова не го правиме само за општот јавно здравје, го правиме за здравјето за секоја од нашите компании. Превенцијата за здравствените прашања е истото како и предвидливоста за важните бизнис одлуки – клучен дел во работењето на секоја успешна компанија.
септември 24, 2025