Connect with us

Економија

Превозниците ги изнесоа предизвиците, институциите ветуваат поддршка

Превозниците укажуваат на импликациите од најавените нови правила за патување во Европската унија и повторно апелираат да им се овозможат повеќе денови за престој во шенген-зоната, а престојот да се пресметува во часови, а не во денови. На денешната средба на превозниците, организирана од Макам-транс, беше соопштено дека недостигаат 15 -16 000 возачи и оти им се потребни  бенефици, со поголемо даночно олеснување за дневниците, како и увоз на возила без плаќање на ДДВ. 

Државните претставници, пак, порачаа дека превозниците се основен двигател на бизнисот и оти идниот раст на секторот Транспорт и логистика, што во вториот квартал забележа пораст од 6,1 процент, ќе се стимулира со изградба на патна и железничка мрежа  за поврзаност на државата, подобри услови со дигитализација на процесите со помалку процедури и застои, заштита на нивните работни места.

За следната година нарачани се 1750 годишни ЕКМТ дозволи за меѓународен превоз на стоки за возила со Eуро 6 стандард, 2016 месечни ЕКМТ дозволи  за возила со Eуро 6 стандард, 720 месечни ЕКМТ дозволи  за возила со Eуро 5 стандард, 60040 поединечни дозволи, како и 5000 дозволи преку Б – СЕК.

Генералниот секретар на Асоцијацијата „Макам-транс“ Билјана Муратовска изјави дека најголемиот проблем со кој се соочуваат и веќе година и половина работат на негово решавање со сите асоцијации и државни органи од земјите кои не се членки на ЕУ е бројот на денови за престој во шенген-зоната. 

– Возачите не одат таму да престојуваат, туку одат да работат. На 10 септември 2025 годима имавме средба во Белград, каде присуствиваа голем број на претставници на институции, амбасадорите од сите земји во шенген-зоната и ние поставивме барања, кои ако не се решат ќе запре размената на стоки меѓу ЕУ, шенген-зоната и сите држави кои се на оваа страна. Се надеваме дека ќе има слух зошто проблемот е генерален, има недостаток на возачи секаде и уште ако треба да ни се смета престој 90 дена, тогаш ќе бидеме преполовени. Целта е што досега периодично, од време на време, правеа проверки, а сега ако е електронски тоа значи секој ќе влезе во таа шема и ќе имаме проблем и затоа сите транспортери од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Турција, се здруживме и веќе година и пол агитираме и бараме да не изедначат со сите други персонали на транспорт, авио, железнички, бродски, за кои не важи ова правило. Важи само за нас, рече Муратовска.

Второ, како што рече, бараме да се овозможи броење на престојот во часови, а не во денови. – Барањето одново е пратено во ЕУ и сега очекуваме да се најде решение, потенцира Муратовска.  

Прашана дека од октомври 2025 година ЕУ го воведува Системот за влез и излез (EES), Муратовска вели дека порано имале спорадични проверки, а сега, како што рече, ќе има за сите, што значи на еден камион ќе треба два и пол возачи да има за да го опслужуваат.  – Другово, што ќе почне во 2026 година тоа е враќање на визите на мала врата и тоа ќе има големи импликации за нас бидејќи возачите доаѓаат, си одат, треба да се пријават, и давесет по дваесет евра се собира и не е едноставно, изјави Муратовска. 

Таа вели дека недостигаат 30 отсто возачи од целиот капацитетот и посочи дека барале и од лани е воведена насока возач во средните училишта за да се продуцираат нови работни лица. Потсети дека бараат и одредени бенефици, на пример да се даде поголемо даночно олеснување за дневниците на возачите, да се озвозможи увозот на возила без плаќање на ДДВ, кои би помогнале како мерки за да се надминат проблемите. – Ние не можеме да примаме возачи од странство бидејќи ќе ни избегаат, ќе го однесат камионот во Германија и ќе си застанат, затоа се потпираме на она што е овде, вели Муратовска. Според неа, недостигаат 15 -16 000 возачи. 

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред превозниците ја истакна подршката за натамошен развој на секторот и проектите за развој на патната и железничката инфраструктура. 

– Максимално сме отворени и излегуваме во пресрет и даваме поддршка затоа што сте основен двигател на бизнисот,  рече Николоски.

Оцени дека е многу позитивен индикаторот за раст на секторот Транспорт и логистика во вториот квартал од 6,1 процент споредено со истиот период од минатата година. Тоа, посочи, е двојно повеќе од растот на БДП, што говори дека оваа индустрија се развива и уште има простор за раст. Во таа насока преземаме многу мерки, начин на распределба на ЦЕМТ дозволи до начин на пристап до Министерството.

Ги претстави плановите за развој,  како што рече, на силна патна и железничка мрежа. 

– Идејата е Македонија да го искористи потенцијалот како природна крстосница на двата паневропски коридора, 8 и 10 и во таа насока да развиеме силна патна и желеничка мрежа која ќе ги осплужува овие коридори, рече Николоски.

Најави дека поголемиот дел од автопатот на Коридорот 10 следната година ќе биде реконструиран, исто како и обиколницата на Скопје. – Продолжуваме и со изградба на Коридорот 10 д, кој оди од Градско преку Дреново Фариш Прилеп до Битола и вториот граничен премин со Грција до Меџитлија, рече Николоски, најавувајќи дека за овие теми ќе разговара утре на средба со неговиот грчки колега.  

Николоски посочи и дека активно се гради автопатот од Прилеп до Битола, веќе е пуштен експресниот пат Градско Дреново Фариш, а многу скоро ќе се донесе одлука за изградба на делот од Фариш до Прилеп, што ќе значи целосно автопатско решение или експресен пат којшто ќе оди на Коридорот 10д.

– На Коридор 8 пуштен е патот од Страцин до Крива Паланка, се работи на обиколницата, како и на проширување на ГП „Деве Баир“. На западната страна се работи на автопатот Тетово-Гостивар, Гостивар Букојчани, додека повикот за Букојчани-Кичево завршува на 30 септември. Додека автопатот Кичево-Охрид полека се става во функција и пуштени се 34 километри,  посочи министерот за транспорт Николоски.  

Во делот на логистиката најави дека следната година ќе почнат активности за  изградба на инфаструктура за мултимодуларен јазол што треба да се наоѓа кај постојниот кај Трубарево и во продолжение на пресекот кај двата коридора. За поголема безбедност најави дека ќе се воведе интелигентен транспортен систем,  а укажа и дека се во интензивен дијалог со ЕУ за решавање на проблемот со електронската евиденција за што очекува добри вести. 

– Со царината се спроведуваат проекти за нов едношалтрски систем со воведување еден електронски документ за превозниците на граничните премини, за што е при крај тендерот за софтверот.  Се работи и на законска регулатива за пратките од големите логистички компании како Амазон, Тему, Али Баба. која исто така ќе го регулира овој пазар и ќе насочи серизни средства кон сите вас, соопшти Николоски.

Директорот на Царинската управа Бобан Николоски, пак, порача дека проблемите со повеќечасовни прекини на царинските постапки и застој на товарниот сообраќај се значително намалени и сведени на минимум. 

Според Николоски, унапредувањето на менаџирањето и целосната имплементација на ИКТ системи усогласени со оние во Европската Унија овозможиле забрзување на царинските постапки и олеснување на легалната трговија. 

– Од јануари го ставивме во целосна функција Новиот компјутеризиран транзитен систем, фаза 5, кој го унапредува контролниот механизам, ја подигнува безбедноста и ги забрзува процедурите, а веќе работиме и на имплементација на фаза 6. Во однос на унапредувањето во менаџирањето со системите, сакам да истакнам дека во изминатиот период работевме и на надминување на предизвиците со прекините на комуникациските системи, што значеше неколку часовен прекин на царинските постапки и застој на товарниот сообраќај. Денес, тие проблеми се значително намалени и прекините се речиси сведени на минимум. Усогласувањето на смените на Агенцијата за храна и ветеринарство со Царинската управа е уште еден значаен чекор во насока на олеснување на трговијата и забрзување на транспортот, рече Николоски. 

Ја посочи и соработката со Министерството за транспорт што според него резултирала со забрзана  примена на клучни инфраструктурни проекти: нов национален едношалтерски систем, модернизација на граничните премини, возобновување на граничниот премин Маркова Нога со Грција и отворање на нов премин Клепало со Бугарија. 

– Новиот пристап во работата на Царината резултираше со раст на наплатените приходи на Царинската управа за 65,5 милиони евра заклучно со август, период во кој вкупно наплативме 1,4 милијарди евра приходи, забрзување на царинските постапки и олеснување на легалната трговија, како и подобрена безбедност на стоките што се внесуваат и изнесуваат од државата, наведе директорот на Царината.