Connect with us

Вести

МОН: Со нов закон системски е решено прашањето за учебниците кои недостасуваа во време на претходната Влада

Актуелното раководство на Министерството за образование и наука (МОН) со нов Закон за учебници, изработен заедно со сите засегнати чинители во одобрувањето, изработката и испораката на учебници во основното и средното образование го реши предизвикот кој четири министри на претходната Влада не успеаја да го надминат, се вели во реакцијата на МОН на денешната изјава на портпаролката на СДСМ  Богданка Кузеска дека по цел месец од почетокот на учебната година, учениците и понатаму немаат учебници.

– Оваа учебна година има учебници за сите ученици и испораката е веќе завршена. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во средно гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми. За прв пат, по цели седум години нови учебници има и по сите странски јазици. Изработката на нови наставни програми и учебници ќе продолжи и во следните учебни години, како дел од планот за етапна реформа на националниот образовен систем. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан, посочуваат од МОН.

Дополнително, како што се наведува, на училиштата и учениците покрај печатените учебници, како опција на располагање им се и електронските верзии на истите тие одобрени учебници.

– Така што, залудни се обидите на политичката партија СДСМ со невистини да се обидува да го девалвира трудот и посветеноста кон учениците и обезбедувањето на услови за квалитетна настава. Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех, стои во реакцијата на МОН.