Вести
Конференција: Корупцијата, особено во нејзината системска форма е директна безбедносна закана која го разјадува општественото ткиво

Корупцијата, особено во нејзината системска форма е директна безбедносна закана која го разјадува општественото ткиво, ја подрива довербата во институциите, ја компромитира правдата и демократијата и претставува една од најголемите безбедносни закани. Најквалитетните студенти, оние кои дале максимум од себе во рамки на своето високо образование, доколку сакаат и имаат желба треба да влезат во безбедносните институции, кои навистина би требало да претставуваат темел на една современа демократска и европска држава.
Ова беше порачано на отворањето на 16-та меѓународна научна конференција на тема „Системска корупција – најголемата безбедносна закана: Безбедносно-стратешки пристапи за решавање на сложените предизвици“ што се одржува во Скопје, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во своето обраќање, најави можност за потпишување меморандум за соработка на МВР со Факултетот за безбедност, но и останати факултети како Правниот, Економскиот…кои имаат допирни точки со областа на безбедноста, со цел на најдобрите студенти да им се овозможи влез во државните институции чиј делокруг на работа е безбедноста, кои, како што рече треба да бидат темел на една држава.
-Ние имаме многу добра соработка меѓу МВР и Факултетот, и таа е една од клучните соработки кои ги имаме со високообразовни институции. Можам да најавам дека согласно новиот Закон за внатрешни работи ќе имаме можност со сите високообразовни институции кои таргетираат во областа на безбедноста, а особено со Факултетот за безбедност Скопје да склучиме Меморандум за соработка со којшто најкавитетните кадри кои ќе произлезат оттаму, да влезат во рамки на безбедносните институции, таму каде им е местото, рече министерот Тошковски.
Тој изрази надеж дека оваа идеја ќе ја поддржат и останатите високообразовни институции како Правниот, Економскиот и други факултети кои ќе овозможат најквалитетните кадри да влезат во безбедносните институции.
-На ваков начин ќе има можност најквалитетните студенти, оние кои дале максимум од себе во рамки на своето високо образование, доколку сакаат имаат желба да ги вклучиме во рамки на МВР, за почеток. Се надевам дека во иднина и останатите институции, кои имаат во својот домен одредени прашања поврзани со безбедноста, како АНБ, Царината… ќе го следат овој пример и ќе им дадат дополнителен мотив на студентите, особено најдобрите да бидат дел од овие институции, кои навистина би требало да претставуваат темел на една современа демократска и европска држава, истакна министерот Тошковски во обраќањето.
Тој додаде дека оваа година, темата на конференцијата е многу актуелна и интересна во секое едно општество особено на Балканот и истакна дека со дискусиите експертите ќе придонесат во можноста за справување со актуелните предизвици.
Деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, Јонче Ивановски, порача дека корупцијата особено во нејзината системска форма не е само прашање на морал или криминолошки анализи и е директна безбедносна закана која го разјадува општественото ткиво, ја подрива довербата во институциите, ја компромитира правдата и демократијата и претставува една од најголемите закани за националната, регионалната и меѓународната безбедност.

-Факултетот за безбедност во својата повеќедецениска мисија сака да биде центар на научни истражувања и развој, па затоа ја препознава и својата одговорност како високообразовна институција да отвора прашања, да иницира дебата и да предлага решенија коишто се во функција на решавање на овие комплексни безбедносни предизвици, порача Ивановски.
Оваа научна конференција, посочи Ивановски, е обид да се создаде академска и стручна платформа за размена на искуства, знаење, но и иновативни пристапи кон решавање на проблемот со системската корупција.
Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Игор Неделковски, порача дека како Универзитет се горди на Факултетот за безбедност, бидејќи очигледно безбедносните структури на земјава својата теоретска подлога ја црпат од овој факултет.

-Факултетот за безбедност секогаш таргетира клучни теми од областа на битисувањето на државата, бидејќи безбедноста е еден од основните предуслови за функционирање на секоја држава. Годинава ја избравте системската корупција, како нешто што може да го наруши легитимитетот и стабилноста на државата, порача Ивановски.
На конференцијата, беа најавени излагања на експертите од областа – проф. д-р Миодраг Лабовиќ од Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Углеша Звекиќ, Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал и проф. д-р Филип Ејдус од Факултет за политички науки – Белград.
септември 24, 2025