Култура
Во македонскиот КИЦ во Белград отворање на изложбата „Пресек за скулптурата над“ на Славчо Спировски

Во македонскиот КИЦ во Белград од денеска попладне, па до средината на октомври, ќе биде поставена изложбата „Пресек за скулптурата над“ од реномираниот македонски скулптор Славчо Спировски. Изложбата ќе ја отворат директорот на КИЦ Белград проф-др Васко Шутаров и Тони Цифровски, новинар од Македонско радио, кој ќе го поздрави настанот и прочита дел од ликовната рецензија од Маја Чанкуловска-Михајловска.
„Славчо Спировски во своите досегашни дела се потврдува како исклучително љубопитен и аналитичен автор, кој со игра го деконструира митот за скулптурата и одново го оформува на сопствен начин, создавајќи своевиден метапростор или ментален простор за размислување и осмислување на многу прашања и комбинации“, пишува во рецензијата за изложбата Чанкуловска-Михајловска.
Изложбата е прво самостојно претставување на Славчо Спировски во Белград, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Славчо Спировски е роден 01.2.1975 година во Скопје. Дипломира во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек вајарство во класата на професор Станко Павлески, како студент на генерацијата. Освен во македонските галерии, негови самостојни изложби се претставувани и во Берлин, Софија и Загреб, а има учествувано и на голем број групни изложби во Србија, Бугарија, Хрватска, Либан, Италија.