Свет
Советот на ЕУ ги одобри новите правила за намалување на загадувањето со пластика

Советот на ЕУ денеска ја усвои Регулативата за спречување на испуштањето на пластични маси во животната средина, чија цел е да го намали загадувањето преку зајакнување на контролата и управувањето со пластиката, која е клучна индустриска суровина низ целиот синџир на снабдување.
Со новите правила се бара од компаниите да изработат планови за управување со ризик поврзан со пакување и ракување со пластика и обука на персоналот. Регулативата, исто така, утврдува јасни обврски за компаниите за организирање на акции за чистење во случај да предизвикаат загадување со пластика.
За да се обезбеди праведност и одговорност, превозниците од земји кои не се членки на ЕУ ќе треба да назначат свој овластен претставник во Унијата, а операторите што ракуваат со над 1.500 тони пластична маса годишно ќе бидат обврзани да добијат сертификати од независна трета страна.
Дополнително, Регулативата воведува специфични барања за поморскиот транспорт на пластични материи, кои опфаќаат информациите за пакувањето, транспортот и товарот, со цел да се спречи загадување на морињата со пластика.
Сега Регулативата треба да ја одобри Европскиот парламент, што се очекува да се случи за време на парламентарното заседание следниот месец. По нејзиното одобрување, Регулативата ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на ЕУ.
Од овој датум ќе почнат да се применуваат поголемиот дел од новите правила за намалување на загадувањето од пластика, со исклучок на неколку специфичните отстапувања чија примена ќе почне две години по стапувањето во сила на Регулативата.
септември 23, 2025