Култура
Со проектот „Нашата мала библиотека“ опфатени 2.500 деца од градинки и училишта

Две илјади и петстотини деца на возраст од три до девет години од над 20 градинки и училишта во државава беа опфатени со проектот „Нашата мала библиотека“ и во негови рамки се применуваа различни методи и активности за да се зголеми нивната љубов кон книгите, со цел да се едуцира генерација доживотни читатели. Децата со помош на читање сликовници учеле и имале многу интересни активности, како на пример: создавање воз со прочитани книги, правење кукли, се инспирирале да создаваат претстави, да снимаат видеа…
Директорот на издавачката куќа „Прозарт медиа“, Дејан Трајкоски, која го спроведува проектот, рече дека проектот веќе во голем дел е завршен и е еден од најголемите кои вклучуваат детска литература во цела Европа. Тој посочи дека 16-та година по ред проектот се имплементира во многу земји во Европа, а првпат се спроведува во нашата држава.
-Проектот е наградуван неколку пати во Словенија, а неговата суштина е дека ние преведовме пет книги од странски автори со пет партнери од Европа, а нашата македонска книга, сликовницата „Дете и мече“ од Ване Костуранов беше преведена на исто толку јазици во странство. Сите тие книги заедно со книги со активности за првпат беа дел на едно такво големо ниво од над 20 школи и градинки во цела Македонија и децата континуирано низ целата година имаа активности со помош на тие сликовници. Значи учеа за пријателство, учеа што значи да бидеш похрабар, значи такви детски, топли, пријатни пораки, истакна Трајкоски.
Најважно од се, појасни тој, е дека децата учеа преку читање посебно во ова време денес кога читањето станува се помалку и помалку интересно. Нагласи дека проектот во овие 16 години е реализиран во повеќе од десет земји во Европа и дека во некои земји има огромен успех.
-На пример во Словенија и во Хрватска со чии партнери работиме и се тука со проектот се опфатени повеќе од десет илјади деца на годишно ниво, а кај нас се опфатени 2.500 деца и тоа е за наши услови и за прва година е огромен успех. И Македонија има голема добивка, затоа што во сите книги за активности дури има и дел каде се претставуваат сите земји партнери. Значи децата во Естонија, Словенија, Хрватска, Грција, Полска исто така учат и за Македонија, го гледаат, цртаат и бојат македонското знаме, така што едноставно се работи за проект, кој е препознаен 16 години и со најголем фонд на финансирање од ЕУ, додаде Трајкоски.

Координаторката на проектот, Сребра Ѓорѓијевска рече дека во рамките на проектот дел од авторите биле гости во Македонија, ги посетиле учесниците.
Таа потенцира дека во рок од неколку месеци имале тројца автори и тие средби биле најубавото нешто од целиот проект, затоа што се потрудиле авторите да стигнат и во рурални средини, не се ориентирале само во училиштата во центарот на градот. Вклучени биле деца од Прилеп и Битола и села во нивна близина, не само од Скопје, а реакциите на наставниците, на библиотекарите, на учениците, како што појасни Ѓорѓијевска, биле бесценети.
-Тоа е тоа што ни кажа дека овој проект е особено интересен, затоа што децата учат преку книга на многу неформален начин. Имаа многу интересни активности, создавање воз со прочитани книги, правење кукли, се инспирираа да создаваат претстави, да снимаат видеа. Се изненадивме колку и наставниците беа инспирирани да излезат од некоја кутија, што се вели, но ефектите беа врз децата. Опфатени се теми кои можеби некаде се уште се табуа, тие прашува како се раѓаме, како се создаваме, прашуваа за емоциите, срамот, забележувањето на околината, екологијата. Беа опфатени деца на возраст од три до девет години, додаде Ѓорѓијевска.
Аленка Урх, координатор на проектот „Куд содобност“, што се спроведува и во Словенија, рече дека ефектите од проектот се големи, постојано има впечатоци од коодинаторите, од наставниците, библиотекарите за тоа колку децата уживаат и откако ќе завршила одредена активност или учебна година тие почнувале самоиницијативно да бараат да се зачленуваат во библиотеките, бараат други книги и тоа е најубавото нешто.
-Кога почна проектот во 2007 година почнавме со 2.500 деца, за денес во Словенија да бидат над 35.000, а во шест земји каде тој е имплементиран во Европа издадени се повеќе од 60.000 книги со активности. И во секоја книга има работна тетратка која секое дете заедно со наставникот ја пополнува, додаде Урх.
септември 23, 2025