Свет
Повеќе од 250 рации во Молдавија поради наводна дестабилизација на земјата поддржана од Русија

Властите во Молдавија денеска извршија стотици рации поради наводни обиди за дестабилизација на земјата поддржана од Русија, објави полицијата.
Рациите беа спроведени пред парламентарните избори за кои молдавските власти веруваат дека Кремљ се обидува да влијае.
Британските медиуми пренесуваат дека влоговите во земјата се премногу високи за изборите закажани за 28 септември. Исходот би можел да има далекусежни последици за кандидатурата на Молдавија за членство во Европската Унија, процес за кој се вели дека Москва се обидува да го спречи со тактики како што се дезинформации, масовни немири и купување гласови.
Полицијата објави дека истражителите, заедно со членови на безбедносните сили, спровеле 250 претреси на повеќе од 100 лица, но не прецизираа никаква политичка припадност.
„Претресите се поврзани со кривичната постапка за подготовка на масовни немири и дестабилизација, кои беа координирани од Руската Федерација преку криминални елементи“, се наведува во соопштението на полицијата.
Копретседателот на молдавскиот проруски Патриотски блок, за кој се очекува да претставува сериозен предизвик за владејачката проевропска Партија за акција и солидарност (ПАС), рече дека некои нивни членови биле цел на рациите.
„Криминалниот режим на ПАС се обидува да нè заплаши, да го исплаши народот и да го замолчи“, рече Игор Додон, поранешниот претседател на земјата, на Телеграм.
Претседателката Маја Санду, која ги опиша претстојните избори како најзначајни во историјата на Молдавија, предупреди дека Москва сака да влијае на резултатите за да го задржи Кишињев во својата орбита.
Минатиот месец, бегалецот Илан Шор, кој е санкциониран од САД и ЕУ како наводен руски агент, отворено им понуди месечни исплати од 3.000 долари на Молдавците за да се приклучат на антивладините протести.
Русија негираше дека се мешала во внатрешните работи на Молдавија.
септември 23, 2025