Свет
Ердоган планира да купи американски авиони, но ќе бара делумно да се произведуваат во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира да купи стотици авиони од американската компанија „Боинг“ и борбени авиони „Локхид Мартин“, со намера некои од нивните делови да бидат произведени во Турција, изјавија за Блумберг извори запознаени со ситуацијата.
Според нив, Ердоган сака да ги компензира планираните плаќања за американските авиони со локални договори за производство во вредност од над 10 милијарди долари.
Овие договори мора да бидат одобрени од американскиот претседател, Доналд Трамп, кој в четврток ќе му биде домаќин на Ердоган во Белата куќа.
Според изворите, средбата е клучен момент додека Анкара се обидува да ги ресетира затегнатите односи со Вашингтон, кои произлегуваат од купувањето на рускиот систем за воздушна одбрана С-400, како и други спорови.
Решението на спорот околу руските системи С-400 може да доведе до невидено зголемување на соработката во одбранбената индустрија меѓу двата сојузници, наведува Блумберг.
Купувањето на С-400 од страна на Турција предизвика застој во односите со САД, што резултираше со санкции против турската одбранбена индустрија и исклучување на Турција од програмата за развој на Ф-35.
Турското Министерство за одбрана одби да коментира за ситуацијата.
Иако Анкара не се согласи да се откаже од системот С-400, според изворите, постои голема надеж дека Трамп би можел да се согласи да ги промени санкциите, што би ѝ овозможило на Турција да купи 40 авиони Ф-35А произведени од „Локид Мартин“.
Таквиот потег би можел да овозможи и прекин на суспензијата што ја воведоа САД на десет турски фирми кои беа на добар пат да произведат делови за Ф-35 во вредност од околу 12 милијарди долари, вклучувајќи го и центарот за трупови на авионите што ги произведува турската воздухопловна индустрија.
септември 23, 2025