Connect with us

Економија

Славески: Монетарната политика e претпазлива согласно предизвиците

Монетарната политика и во иднина ќе биде претпазлива согласно предизвиците од неизвесностa поврзана со домашното и надворешното окружување. Народната банка и натаму проактивно ќе ги следи состојбите и ќе биде подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност, истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески на панел-дискусијата на 13-тата Годишна конференција во организација на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на којашто присуствуваат и вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка Анета Крстевска.

Гувернерот Славески, информираат од НБ, посочи дека во изминатите години светот се соочи со неколку последователни кризи, а македонската економија како мала транзициска економија, се соочи со повеќе шокови со кои успешно се справи задржувајќи ја макроекономската стабилност како резултат на институционалниот капацитет на централната банка. 

-И во претстојниот период, особено важни ќе бидат широкиот монетарен инструментариум и силната координација со другите макроекономски политики заради натамошно закотвување на инфлациските очекувања и за обезбедување одржлив економски раст, нагласи гувернерот Славески.

Тој додаде дека, и покрај очекувањата за постепено намалување на инфлацијата, и натаму има бројни ризици поврзани со динамиката на цените на услугите, при што ја посочи координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика како најважна во сегашниот економски контекст.

Потпирајќи се на стекнатото искуство од екстерните шокови во минатото, додаде, Народната банка е подготвена да се справи со евентуалните непредвидливи предизвици за монетарната и за финансиската стабилност и во иднина. При ова, најважно е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилноста на нејзините политики, како и одржувањето солидно ниво на девизните резерви заради заштита на стабилноста на девизниот курс на националната валута.

-Структурните предизвици, како што се процесите на деглобализација, непредвидливите трговски тензии, демографските промени, како и технолошкиот напредок со посебен акцент на вештачката интелигенција, и натаму ќе влијаат врз потенцијалниот економски раст и инфлацијата. За да се приспособиме кон овие околности, потребен е проактивен пристап и структурни реформи коишто ќе обезбедат отпорност на економијата и ќе придонесат за ублажување на инфлациските притисоци на подолг рок, заклучи гувернерот Славески, нагласувајќи дека централните банки внимателно ги следат случувањата во светот и се подготвени навремено да реагираат.