Свет
Естонија вели дека таа и НАТО соодветно реагирале на влегувањето на руски борбени авиони во нејзиниот воздушен простор

Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур изјави дека Талин и НАТО соодветно реагирале на нарушувањето на естонскиот воздушен простор од страна на руски борбени авиони, објави ДПА.
-Инцидентот покажува дека системот за воздушна одбрана на алијансата работи добро и ефикасно и дека постои волја за употреба на сила доколку е потребно, изјави Певкур по седницата во естонскиот парламент.
Националниот комитет за одбрана и Комитетот за надворешни работи на законодавното тело се состанаа на вонредна седница синоќа.
„НАТО реагираше соодветно“, нагласи и естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна.
Според естонските податоци, три руски ловци МиГ-31 на воздухопловните сили влегоа во воздушниот простор на балтичката земја, која е членка на алијансата, во петокот. Инцидентот се случил во областа Ваиндло, мал остров кој се наоѓа во Финскиот Залив во Балтичкото Море. Сојузниците на НАТО веднаш реагираа и ги пресретнаа руските борбени авиони.
„НАТО дејствува точно како што е договорено. Немаше директна воена закана за Естонија, но ние категорично не прифаќаме Русија да го наруши воздушниот простор на Естонија и НАТО“, рече Цахна.
Москва соопшти дека три руски борбени авиони МиГ-31 извршиле закажан лет од Карелија до регионот Калининград, додавајќи дека естонскиот воздушен простор не е нарушен. Сепак, Талин ги отфрли тврдењата на Москва.
По инцидентот, Естонија побара консултации согласно член 4 од Договорот за НАТО. Овој член предвидува консултации со сојузниците ако земја од алијансата смета дека е ставена под надворешна закана. „Употребата на член 4 од страна на Естонија од другите сојузници се смета за сосема соодветен чекор, истакна естонскиот министер за надворешни работи“.
септември 21, 2025