Скопје
Со правилник за велосипедска инфраструктура до стимулација за повеќе користење велосипеди и побезбедни патишта

Во Скопје попладнево беше презентиран Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура. Во рамки на „Европската недела на мобилност“, настанот е организиран од здружението за одржлив развој и заштита на животната средина – „Гоу грин“ (Биди зелен) во соработка со Министерството за транспорт. Пред почетокот на денешниот настан, во изјава за медиуми, надлежните информираа дека правилникот не е сосема готов, се очекуваат уште некои мислења од надлежни институции. Но, уверуваат дека брзо ќе се најде пред пратениците во Собрание.
Заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири рече дека за првпат во нашата држава се изработува еден правилник што опфаќа планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедската инфраструктура.
Таа подвлече дека ова не е само еден симболичен настан, туку ова е многу голем чекор за нашата држава.
– Јас мислам дека ова е многу важно за сите граѓани. Многу голем чекор напред за Македонија во однос на европските стандарди, во однос на безбедноста на нашите патишта. Освен од професионален аспект, како заменик министер, за мене настанот е важен и од личен аспект. Од причина што заради небезбедноста на возачите – велосипедисти на автопатите, јас го имам изгубено мојот сопруг пред две ипол години, којшто беше велосипедст, спортист и животот го загуби токму додека возеше. Јас мислам дека овој правилник ќе ги стимулира сите наши граѓани да возат повеќе и да бидат побезбедни на нашите патишта, потенцираше Зеколи Шаќири во изјава за медиумите.
Орце Ѓорѓиевски рече дека како претседател на ЗЕЛС, целосно ја поддржува оваа иницијатива и се заблагодари на заложбите на „Гоу грин“.
– Апелирам до пратениците во Собранието едногласно да се усвои овој правилник час поскоро, по што би следело започнување на процес на имплементација на истиот, повика Ѓорѓиевски.
Тој рече дека недостасуваат велосипедски патеки, не само во Скопје, туку и на територија на целата држава.
На новинарско прашање околу сегашните небезбедни велосипедски патеки, тој одговори дека после октомври, ќе има ред во Скопје.
– Редот подразбира и безбедност, додаде претседателот на ЗЕЛС.
Блаже Јосифовски, претседател на „Гоу грин“, исто така, изрази задоволство од настанот.
– Ова е многу позитивен пример за тоа како може со граѓанските ентузијазам и знаење, заедно со добрата политичка волја, да се направи еден успешен европски правилник, што ќе ни помогне навистина многу да се поттикне велосипедскиот сообраќај во нашата држава, а воедно и тој да биде безбеден, подвлече Јосифовски.
Дарко Арсовски Петровски, проектен координатор во „Гоу грин“, истакна дека подолго време се обидувале да го донесат овој правилник.
– Македонија е една од трите земји во Европа каде нема правилник за велосипедска инфраструктура, рече Арсовски Петровски.
Тој додаде дека како што во светот на три – четири години се прошируваат, очекува и овој правилник да продолжи да расте и да се подобрува.
– Го поздравувам Министерството за неговата желба да соработува со граѓанскиот сектор. Се надевам дека набрзо ќе се донесе, дека законската постапка брзо ќе оди, истакна Арсовски Петровски.
септември 20, 2025