Фудбал
Милан и Интер на нов стадион во 2031

Претседателот на Милан, Паоло Скарони (78), најави дека овој италијански клуб и неговиот градски ривал Интер ќе го имаат најдобриот стадион во Европа до 2031 година, со кој ќе бидат горди сите граѓани на Милано, јавија денеска италијанските медиуми.
„Проектот за нов стадион во градскиот кварт Сан Сиро е во изработка веќе долго време, инвестирани се многу пари и сигурно ќе ја постигнеме поставената цел. Милан и Интер ќе го добијат најдобриот стадион во Европа, со кој ќе бидат горди сите граѓани на Милано“, рече Скарони, истакнат бизнисмен кој за време на својата бизнис кариера беше на чело на италијанските енергетски компании „Енел“ и „Ени“.
Претходно оваа недела, надлежниот комитет на Градскиот совет на Милано даде зелено светло за купување на земјиштето на кое се наоѓа стадионот „Џузепе Меаца“. Интер и Милан ќе треба да платат 197 милиони евра за земјиштето, што ја вклучува и околната површина околу стадионот.
Крајната цена за изградба на новиот стадион се проценува на околу една милијарда евра. Сè уште не е утврдено дали сегашниот стадион „Џузепе Меаца“, со капацитет од 75.000 гледачи, ќе биде делумно или целосно срушен. Стадионот го претрпе последното големо реновирање пред Светското првенство во 1990 година, чиј домаќин беше Италија.
септември 20, 2025