Connect with us

Култура

В петок 37. издание на манифестацијата „Охридски староградски средби“

Во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид задутре по 37-ти пат ќе се одржи манифестацијата „Охридски староградски средби“.

На реномираниот музички собир годинава ќе настапат Градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид, „Вокалниот октет” од Прилеп, „Распеани Кичевчани“ при КУД „Нико Пуцоски” од Кичево, ансамблот „Вања Лазарова“ од Скопје, ВИА „Распеани Стружани”, „Градски хор“ од Штип, како и КУД „Далги“ составен од фолклорните ветерани од Охрид и Дебрца.

Настапот на учесниците е предвиден за од 19 часот во Големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“.

Манифестацијата финансиски е поддржана од Министерството за култура, како активност насочена кон обновување на старите градски музички традиции. 

Фестивалот „Охридски староградски средби“ беше осмислен како манифестација насочена кон афирмирање на вредностите на староградскиот мелос, но и зачувување на музичките посебности и песни карактеристични за градовите во Македонија кои со децении се препејувале и на тој начин пренесувале низ генерациите.

Прв пат „Охридските староградски средби“ беа одржани во 1975 година и манифестацијата традиционално се одржуваше секоја година до 1996 година. После 11-годишен прекин манифестацијата беше обновена, со цел продолжување на охридското културно лето.