Connect with us

Свет

Пад на бројот на баратели на азил во ЕУ во јуни 2025

Во јуни годинава барање за азил во членките на ЕУ за првпат поднеле 52.265 државјани на трети земји, што претставува намалување за 27 проценти во споредба со истиот месец лани и за пет отсто споредно со мај 2025, соопшти денеска Европската статистичка агенција – Евростат. 

Во вториот квартал од 2025 година, во ЕУ биле поднесени 194.730 барања за азил, што претставува зголемување од три проценти во споредба со истиот период лани, но и намалување за два отсто во споредба со претходниот овогодишен квартал. Од поднесените апликации во вториот квартал, одобрени биле само 34 отсто или 65.735. 

Најбројни меѓу барателите на азил во ЕУ во јуни 2025 година, биле државјаните на Венецуела со 7.615 апликации, по што следуваат жителите на Авганистан со 4.085, на Бангладеш со 2.735 и на Сирија со 2.315 барања. 

Дури 74 отсто од барањата за азил се поднесени во четирите најголеми земји од ЕУ и тоа 12.645 во Шпанија, 9.765 во Италија, 9.510 во Франција и 6.860 во Германија. 

Кога станува збор за бројот на барања на 100.000 жители, таа стапка била највисока во Грција со 39,4, пред Шпанија со 25,8 и Кипар со 24,3 апликации на сто илјади жители. 

Од вкупниот број апликанти за азил во јуни 2025 година, 1.835 биле малолетници без придружба, од кои 460 од Еритреја, 205 од Авганистан и 190 од Мали. Најголем број барања за азил од малолетници без придружба биле поднесени во Холандија и тоа 450, по што следуваат Шпанија со 415 и Германија со 270. 

Најголем број одобренија за азил издала Шпанија и тоа 16.060, пред Франција со 14.220 и Германија со 13.450. Најбројни меѓу одобрените азиланти биле Авганистанци со 13.170, пред Венецуелците со 12.340 и Сомалијците со 3.215.  

Меѓу барателите на азил на кои им е дозволен легален престој во ЕУ во вториот квартал од оваа година, 48 отсто добиле статус на бегалци, 28 статус на лица под хуманитарна заштита и 24 проценти на лица под супсидијарна заштита. Супсидијарна заштита им се доделува на лица кои не ги исполнуваат условите за статус на бегалец, но за кои има основани причини да се веруваат дека ќе се соочат со сериозна опасност доколку се вратат во нивната земја на потекло или во нивното поранешно живеалиште.