Општини
Маја Хеско, кандидат за градоначалник на Општина Велес од СДСМ и Коалицијата

Модерен, зелен и уреден Велес, со решени сообраќајни проблеми со силна врска помеѓу локалната власт и граѓаните и со млади кои ќе ја гледаат својата иднина во родниот град, посочи на денешната прес-конференција Маја Хеско, кандидат за градоначалник на Општина Велес на СДСМ и Коалицијата. Ова е прво претставување на Хеско, која е пензиониран професор и поранешен директор.
Хеско рече дека основни точки од нејзината програма се спроведување на Зелени политики со нови паркови и еколошки иницијативи за почист воздух и животна средина и даде ветување за спас на езерото „Младост“.Таа вети решавање на сообраќајниот метеж-преку нив модерен план за сообраќај, подобар јавен превоз, велосипедска и пешачка инфраструктура.
Воедно посочи дека ќе работи на градење на партнерство со граѓаните, мотивирање на младите, создавање на услови за нивно вработување, културни и спортски активности и поддршка на младински иницијативи. За пензионерите создавање на услови за достоинствен живот, како и донесување на бизниси и фирми кои сакаат да го развиваат својот бизнис во Велес, за младите да имаат каде да се вработат и остварат достоинствен живот во својот град.
-Верувам дека Велес може и мора да биде подобро, пофункционално место на живеење со квалитетни услови за живот на сите граѓани, порача кандидатот за градоначалник на Општина Велес, Маја Хеско.
На прес – конференцијата се претстави и Јованче Манасков носител на листата на кандидати за советници од СДСМ. Станува збор за професор, поранешен директор и одбојкарски тренер.
На листата на кандидати за членови на Советот во Општина Велес од СДСМ и Коалицијата има дефектолози, правници, економисти, пензионери. Воедно на листата за првпат имаат и жена муслиманка од населено место во општината во кое живеат Бошњаци. Инаку, на листата од 23 кандидати, вкупно 10 се жени, а за првпат немаат кандидат лекар.
септември 18, 2025