Општини
Сојуз на борци од Тетово со осуда за средба на Касами со активист кој се залага за федерализација на државата

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово испратија сооштение со осуда на потег на градоначалникот Билал Касами со Шпетим Положани. На профилот на Касами на „Фејсбук“ во објава се наведува дека се сретнал со Положани, активист за националното прашање и поранешен политички затвореник.
– Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи упатува остра осуда поради синоќешната средба на Билал Касами во кабинетот на градоначалникот на општина Тетово со Шпатим Положани. Потсетуваме дека во јуни 2009 година, Шпатим Положани со неколкумина други предводеше иницијатива за федерализација на Македонија, а во ноември 2017 година ја згрози јавноста со изјава за весник дека – „Албанците се 50% од населението на Македонија и треба да одлучат дали оваа држава треба да постои или не, велат во соопштението од Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи.
Понатаму во соопштението, од Сојузот, сметаат дека носителите на јавни функции не смеат да даваат легитимитет на националисти кои со своите ставови и активности ја презираат или загрозуваат државноста на Македонија или создаваат атмосфера на јаз помеѓу народите.
– Притоа, давањето квалификации на величење на ваквите поединци е за секоја осуда. Кабинетот на градоначалникот е место што не е во приватна сопственост и од таму треба да бидат испраќани исклучиво пораки за испорачување на јавни политики и градење на општествена инклузија и кохезија. Односот на Македонците и Албанците со децении минуваше низ сериозни искушителни времиња и погубно е одржување на состојба на спротивставеност и конфликтност, се вели во соопштението на Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи – Тетово.
септември 17, 2025