Connect with us

Свет

Мекгрегор се повлече од кандидатурата за претседател на Ирска

Ирската ѕвезда во боречки вештини (ММА), Конор Мекгрегор, објави денеска дека ја повлекува својата кандидатура за претседателските избори во Ирска закажани за октомври.
Во долга порака објавена на социјалната мрежа Икс, Мекгрегор наведе дека ја донел одлуката „по внимателно разгледување и во консултација со своето семејство“.
Контроверзниот Мекграгор, кој важи за водечка фигура во антиимиграциското движење во Ирска, го осуди „демократскиот дефицит против волјата на ирскиот народ“, а особено „заборавените Ирци кои се чувствуваат напуштени и игнорирани од будната политика на сегашниот систем“.
„Сега постои многу видливо и активно движење на ирски патриоти кои се враќаат на своите културни и историски корени и се стремат да го зачуваат и заштитат нашиот ирски начин на живот. Овој бран не може да се запре!“, додаде тој.
Мекгрегор, со прекар „Озлогласен“, беше примен од американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа за Денот на Свети Патрик во март.
Ирскиот борец беше осуден за силување во граѓанска тужба минатиот ноември, а против него е поднесена тужба и во американскиот федерален граѓански суд од жена која го обвинува за сексуален напад во Мајами во јуни 2023 година.
Ирските претседателски избори се закажани за 24 октомври за да се најде наследник на Мајкл Хигинс, кој ја извршува функцијата од 2011 година. Покрај Мекгрегор, и други истакнати личности изразија интерес за позицијата, како што е музичарот Боб Гелдоф