Connect with us

Свет

Белорускиот опозициски политичар Микола Статкевич вратен во затвор, откако одби да биде депортиран во Литванија

Белорускиот  опозициски политичар, Микола Статкевич, откако ја одби депортацијата во соседна Литванија по минатонеделното ослободување од затвор, повторно е вратен во казнена колонија, објави независниот белоруски медиум „Наша Нива“.

„Статкевич е во затворската колонија Хлибокаје. Ја повикуваме меѓународната заедница да побара негово ослободување“, објави протераната лидерка на опозицијата Светлана Тихановскаја на X, повикувајќи се на извештај на „Наша Нива“, што се темели на неидентификуван извор.

Статкевич беше еден од 52-та затвореници ослободени во Белорусија минатата недела по апелот на американскиот претседател Доналд Трамп. Меѓу нив имаше новинари и политички противници на претседателот Александар Лукашенко.

Сите беа однесени на литванската граница, но 69-годишниот Статкевич беше единствениот што одби да ја премине. 

Протераната опозиција тврди дека ослободените затвореници треба да имаат право да останат во Белорусија, наместо да бидат принудени да ја напуштат земјата.

САД ги укинаа санкциите врз белоруската државна авиокомпанија во замена за ослободување на затворениците, а американскиот претставник Џон Коул изјави дека Вашингтон сака повторно да ја отвори својата амбасада во Минск, посочувајќи на можноста за подобрување на односите меѓу двете земји.

Статкевич беше уапсен во мај 2020 година.

Западните сили, вклучувајќи ги САД, ЕУ и Велика Британија, воведоа низа санкции врз Белорусија во последните години поради кршење на човековите права и поддршка на војната на Русија во Украина.

Статкевич неуспешно се кандидираше против Лукашенко на претседателските избори во 2010 година. Тој беше уапсен во мај 2020 година и следната година беше осуден на 14 години затвор со максимална безбедност  за „организирање немири“.

„Наша Нива“ објави дека Статкевич ги поминал последните две години и седум месеци во самица во затворот Хлибокаје, без контакт со надворешниот свет.