Вести
Тошковски: Не ми е срам што работам за својот народ, срам ми е што по 35 години немаме капацитети какви што треба да има една современа држава

Не еднаш досега имам кажано дека во оваа држава, за жал, каде и да копнете е труло. Каде и да копнете излегуваат проблеми кои не настанале преку ноќ, проблеми кои се таложеле и за жал, денес не ставаат на вакво дереџе на кое сме. За разлика од претходно, ние делуваме со ресурсите кои стојат на располагање и сметам дека се справуваме максимално во насока на она кое е потребно да се пристапи од страна на една сериозна држава како што би требало да е Македонија, рече вечерва на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одговорајќи на новинарско прашаење, Тошковкски рече дека во текот на денешниот ден и во овој момент неколку булдожери се поставени на место и голем број на припадници на МВР, Армијата, луѓе кои доброволно се приклучија кон сите оние кои институционално помагаат за да се изгасне овој пожар.
– Констатиравме и со домашни и со странски експерти дека ваков тип на пожар, ако сакаме да го изгасиме, мораме да го затрупаме со ситна песок, не само со вода и со останати традиционални начини на гаснење пожар. Тоа е што максимум можеме да го направиме во моментов, рече Тошовски, додавајќи дека сите кои се ангажирани и противпожарните екипи работат интензивно на гаснење на пожарот.
Гаснењето на овој пожар, како што потенцира, финално ќе трае затоа што, вели, како што е информиран од службите, дронот констатирал топлина околу 500 степени на 50 метри воздушно над пожарот.
– Факт е дека овде не гори само дрво и конзервативни материјали, овде горат батерии и за справување бара посебен начин на делување, При што од странски експерти беше препорачано да се оди со затрупување со ситна песок затоа што само на тој начин може финално да се делува за да се изгаси овој пожар, појасни министерот за внатрешни работи.
Одговарајќи на новинарско прашње, Тошковски рече дека има намера да отиде на местото на пожарот.
– Кн95 маски се оние кои се носат и од страна на Министерството за здравство и од страна на сите останати институции. Црвениот крст исто така испрати голем број маски. Од страна на МВР се доставени околу 150 гас маски и од страна на Министерството за одбрана во текот на денот беа доставени на местото, во прва фаза, околу 50 маски. На луѓето кои беа во багерите, на самото жариште на пожарот, им се дадени посебни кислородни маски. Голем број активности од аспект на превенција на луѓето што се вклучени во гаснењето се преземени, како од страна на МВР, и од страна на министерствата за одбрана и за здравство, рече Тошковски.
Изрази благодарност до итната медицинска помош која е на терен во текот на овој ден и до Црвениот крст.
– Во вакви моменти мораме здружено, со сите сили да настапиме затоа што вакви катастрофи навистина се животнозагрозувачки, како за жителите што се во тој реон, така и за оние кои учествуваат во гаснењето на пожарот. Се што можевме да преземеме во рамки на капацитетите што ги имавме, преземавме. Доставени се гас маски од МВР, од Министерството за одбрана, голем број на маски Кн95 за заштита на жителите кои се во околината. Најмногу на ризик се изложени оние кои се на периметар до 150 метри во рамки на самото жариште. Точните параметри се до 150 метри имаме висока загаденост, од 150 до 200 метри имаме средна загаденост, од 200 до 400 метри имаме ниска загаденост согласно мерните апарати кои ги употреби специјалната единица на Министерството за одбрана, рече Тошковски.
Тој рече дека над 400 метри согласно мерните апарати на МО не е констатирано ниво на загаденост во рамки на параметрите кои ги имаат и заради тоа, кажа, препорачуваат дислокација на луѓето кои живеат на периметар до 400 метри.
-За тоа се обезбедени услови, има околу 450 легла во Центарот за обука за сите граѓани кои не можат да се сместат на друго место. Центарот за обука е спремен, активиран, ги чекаме сите луѓе кои имаат потреба да бидат сместени, потенцира Тошковски.
Од страна на Дирекцијата за мерење радиолошки зрачења, како што истакна, констатирано е дека на местото на пожарот нема опасност од радиолоши зрачења.
Прашан дали се срами што е запалена депонијата Дрисла и што има пожар во Трубарево, Тошковски истакна дека Дрисла се пали со години.
-Од околу 16 часот сум овде. Заедно со министрите, на телефони, имавме два управувачки комитети, заедно со Оперативен штаб, заедно со крим полиција, организиран криминал, СВР Скопје, ЕБР, специјалната едници Тигри, крим техника, форензика и сите останати. Преземам се што е во надлежност на МВР со цел да можеме да делуваме во рамки на нашите надлежности и да се справиме со сите предизвици кои ги имаме. Од околу 20.30 часот сум повлечен во својот кабинет заедно со дел од министритре, пристигна и директорот на ДЗС. Во контакт сме со експерти, домашни и странски за како да се справиме со оваа кризна состојба. Дали ми е срам што работам за својот народ – Не. Дрисла се пали со години, со информациите што ги имам добиено, и во 2023, во 2024, 2025. Истото се случува и со Вардариште. Срам ми е што морам да кажам дека по 35 години, ние немаме капацитети какви што треба да имаме за да бидеме една европска демократска современа држава која ќе може на едно такво ниво да се справиме. Ако ме прашувате од тој аспект, да срам ми е, рече Тошковски.
Новинарите меѓу другото, инсистираа на одговор зошто министерот во чија надлежност е заштитата на животната средина Изет Меџити не е присутен на вонредната прес конференција по повод пожарот во трубарево, на што Тошковски ги упати одговор да побараат од Меџити.
септември 14, 2025