Политика
ВМРО-ДПМНЕ: Наместо Филипче дa држи предавања на скопјани, подобро е да им се извини за се сторено во неговото време

Кога Венко Филипче зборува за „молк на институциите“, тоа звучи како лоша шега. Човекот кој како министер дозволи здравствениот систем да колабира, кој не обезбеди кислород во болниците и кој ги остави граѓаните без заштита во најтешките моменти, денес држи лекции за одговорност и грижа за здравјето, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го објавува интегрално.
Граѓаните многу добро паметат дека токму во времето на СДС и Филипче Македонија се претвори во најзагадена точка во Европа, без план, без стратегија и без резултат. Фабриката за акумулатори во Трубарево и дивите депонии не паднаа од небо, тоа е наследство на криминалните политики на СДС и ДУИ.
Денес институциите реагираат одговорно и ќе излезат со прецизни информации, а истрагата ќе покаже како дошло до пожарот. Но уште еднаш се поставуваат прашањата:
1. Како тоа баш пред избори почнуваат да „горат“ фабрики и депонии?
2. Дали зад тоа стојат организирани структури блиски до поразената власт кои сакаат да создадат хаос и страв кај граѓаните?
Наместо Филипче да им држи предавања на скопјани, подобро е да им се извини за сето сторено во неговото време и за сите здравствени, еколошки и национални порази.
Вистинската еколошка катастрофа и вистинската опасност за здравјето и безбедноста на граѓаните се викаат СДС и ДУИ.
Додека Венко Филипче преку социјалните мрежи наводно драматично ги повикуваше граѓаните на Трубарево и пошироко во Скопје да седат затворени дома, да носат маски и да не излегуваат без потреба, неговиот сопартиец и градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, во исто време организираше партиски концерти и ги канеше луѓето на забава во среде град.
Ова е врв на лицемерието на СДС, едно за народот, друго за нив. Граѓаните да седат дома и да се гушат во чад, а функционерите на СДС да се веселат на сцена, со музика и аплаузи. Таква дрскост и дволичност не памети Скопје.
Филипче, кој како министер ја остави Македонија прва по смртност и загадување во Европа, денес повторно држи лекции за здравје. А неговиот сопартиец Герасимовски, кој не успеа да реши ниту еден суштински проблем на Центар, наместо одговорност, нуди забави и концерти додека градот гори.
Лицемерието е потполно – за граѓаните маски, затворени прозорци и страв; за СДС – бината, рефлекторите и аплаузите.
Оваа дрска злоупотреба и обид за политизација на секоја трагедија уште еднаш ја потврдува вистината: некој намерно потпалува политички пожари за да создаде хаос пред избори.
септември 14, 2025