Connect with us

Свет

Музички фестивал во Белгија откажа настап на Минхенската филхармонија со израелски диригент

Организаторите на Фландрискиот музички фестивал во белгискиот град Гент го откажаа учеството на Минхенската филхармонија, која требаше да настапи под диригентската палка на израелскиот диригент Лахав Шани. 

Во официјалното соопштение на организаторите на фестивалот се вели дека одлуката е донесена поради „недоволна јасност во врска со ставот на Шани кон геноцидниот режим во Тел Авив“. 

Според нив, Шани, кој е директор на Израелскиот филхармониски оркестар, во неколку наврати „се изјаснил во корист на мирот и помирувањето“, но одлуката за откажување на настапот уследила по повикот од фламанската министерка за култура Каролине Жене и локалните власти во Гент „да не соработуваат со партнери кои не се дистанцирале од израелската Влада“. 

Минхенската филхармонија требаше на настапи на Фестивалот на 18 септември. 

Ваквата одука на Фестивалот во Гент наиде на реакции во Германија, од каде дојдоа оценки за појава на „антисемитизам во европскиот културен живот“. 

Директорот на Минхенската филхармонија, Флоријан Виганд во писмена реакција на решението наведе дека е „запрепастен што во срцето на Европа, кај домаќинот на институциите на ЕУ“ е донесена таква „незамислива“ одлука.  

– Шани со целата своја работа како музичар и човек се залага за разбирање, хуманизам и дијалог, наведе Виганд во соопштението. 

Комесарот за култура и медиуми при германската Влада, Волфрам Вајмер, исто така, ја осуди одлуката, оценувајќи дека таа претставува „чист антисемитизам“ 

– Водечкиот германски оркестар и неговиот еврејски главен диригент се исфрлени. Ова е срам за Европа, наведе Вајмер во објава на Икс. 

На одлуката реагираше и претседателката на Работната група за антисемитизам на Европскиот парламент, Натали Лоазо, нагласувајќи дека е „апсолутно огорчена од овие осуди и анатеми кон уметниците и спортистите поради нивната израелска националност“. 

– Со ова се мешаат Евреите како народ, Израелците како националност и постапките на Владата на Бенјамин Нетанјаху. Европа знае што се случува кога дозволува Евреите да бидат стигматизирани, додаде Лоазо. 

Ова не е прв случај на откажување на учества на културни настани во Европа, поради поврзаност со Израел. Над 70 уметници откажаа настап на музички фестивали во Барселона, поради наводни врски меѓу организаторите на настанот и израелски инвеститори. Околу 2.000 работници во филмската индустрија, пак, соопштија дека одбиваат соработка со институции поддржувани од Израел. 

Инаку, во Белгија живеат речиси 30.000 Евреи, од кои две третини во фламанскиот главен град Антверпен. Во земјата има 45 активни синагоги, од кои 30 се во Антверпен, каде живеат голем број припадници на ултраортодоксната харедска еврејска заедница. 

За разлика од повеќето земји членки на ЕУ, Белгија се уште нема усвоено Национална стратегија за борба против антисемитизмот, што е една од препораките на Унијата.