Connect with us

Општини

Митев: В.д. градоначалникот на Кочани прави хаос во образованието

Претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев, за МИА потврди дека поседува документ со кој Министерството за образование и наука дава позитивно мислење за формирање паралелки со помал број ученици во освните училишта во Општината. Исто така, тој потврди и дека документот го покажал на коoрдинација со претставниците на другите советнички групи, барајќи наставата да продолжи нормално со наставниците на кои не им се продолжени договорите за работа.

– Станува збор за некоректност од страна на в.д. градоначалникот Венко Крстевски, чие однесување негативно се одразува на образовниот процес и е против училиштата и учениците. Советот уште пред 15 дена донесе одлука поддржана од 14 советника, со која се дозволува формирање паралелки со помал број ученици, а Крстевски возврати со решение за запирање на таа одлука и не дозволи објавување во Службен гласник, со образложение дека нема позитивно мислење од МОН. Во меѓувреме и Министерството донесе позитивна одлука, а тој остана на своето, тврдејќи дека таква одлука во Општината не пристигнала, појаснува Митев.

Тој смета дека позитивното мислење од МОН е пристигнато во Општината и дека под влијание на в.д градоначалникот Венко Крстевски тоа се крие.

– Мислам дека в.д. градоначалникот Крстевски прави хаос во образованието во Кочани, додаде претседателот на Општинскиот совет, Лазо Митев, и најави седница на Советот за утре.

– Позитивното мислење за формирање паралелки со помал број ученици од МОН е факт, го имаат сите советници. На утрешната седница како Совет нема да го поддржиме решението на Крстевски за поништување на нашата позитивна одлука за помали паралелки донесена уште на 27 август, по што, тој, во рок од седум дена е должен да ја објави во Службен гласник и таа ќе стапи во сила, со што состојбата во училиштата ќе се нормализира. Тоа е негова законска обврска. Ако тоа не го стори, јас лично ќе му поднесам кривична пријава, нагласи претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев.


Претходно директорите на средните и основните училита во Кочани алармираа дека в.д. градоначалникот Венко Крстевски планира да укинува паралелки со помал број ученици, со што, како што наведоа, ќе му нанесе непроценлива штета на образовниот процес.

– Образованието не е играчка на в.д. градоначалникот кариерист. В.д. градоначалникот Венко Крстевски со својот план директно го загрозува образовниот процес.Со најава за укинување паралелки го доведува образованието во опасност, а последиците би биле катастрофални. Ако неговата намера се реализира ќе бидат затворени паралелки во Грдовци, Тркање, Подлог, Бели, Нивичани, Прибачево, Оризари и во сите училишта во градот. Со тоа повеќе од 50 наставници ќе останат без работа, а помалите населени места во Општината ќе останат без можност за нормално образование, рече Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев, во името на седум директори на училишта во Кочани.