Свет
Европските суверенисти го предложија Кирк за наградата Сахаров

Групата Европа на суверени нации во Европски парламент предложи американскиот десничарски активист Чарли Кирк за наградата Сахаров за слобода на мислата.
Европа на суверени нации предводена од десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) го предлага Кирк за награда поради неговата „одбрана на правото на слободно изразување и нормите на мирно демократско оспорување“.
Кирк, 31-годишен конзервативен активист и близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, почина пред два дена откако беше застрелан за време на митинг на колеџ во Јута. Тој беше коосновач и извршен директор на младинската организација „Turning Point USA“.
Трамп објави дека постхумно ќе му го додели Претседателскиот медал за слобода на Кирк, кого го опиша како „гигант на својата генерација“ и „шампион на слободата“.
Според бриселскиот портал „Политико“ Кирк има мали шанси да биде постхумно одликуван, бидејќи неговите поддржувачи се малку.
Други групи во ЕП за наградата Сахаров ги предложија српските студенти, палестинските новинари и хуманитарни работници, Парадата на гордоста во Будимпешта и дисидентите во Грузија и во Алжир. Но, наградата најверојатно ќе му биде доделена на затворениот полско-белорускиот новинар и активист за човекови права Анджеј Почобут, бидејќи е поддржан од најсилната политичка група, Европската народна партија и Европските конзервативци и реформисти.
Наградата Сахаров за слобода на мислата е највисокото признание на Европската Унија за работа во областа на човековите права, што се доделува на поединци, групи и организации за извонреден придонес во заштитата на слободата на мислење.
септември 13, 2025