Скопје
Воздухот во Скопје во граници на дозволеното, освен благо надминување во Лисиче

Министерството за животна средина и просторно планирање, повикувајќи се податоците на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух – ДАМСКАВ, во изминатите два дена, соопшти дека нема надминувања на граничните вредности за квалитетот на воздухот во Скопје, освен, како што посочува, благо надминување во Лисиче.
– Според податоците на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух – ДАМСКАВ, во периодот од 10 до 12 септември 2025 година не се регистрирани надминувања на граничните вредности за SO₂, NO₂, CO и O₃. Надминување на среднодневната гранична вредност за РМ₁₀ (50 μg/m³) е забележано на мерното место Лисиче на 10 септември со концентрација од 55.93 μg/m³, особено во вечерните и ноќните часови (19:00–02:00), како и на мерното место Центар на 11.09.2025 со концентрација од 50.41 μg/m³.Воопшто, часовните концентрации на РМ₁₀ се релативно ниски на повеќето мерни места во Скопје, со исклучок на Лисиче, каде што се забележани повисоки вредности во ноќните и утринските часови, додека попладне концентрациите се пониски, соопшти попладнево МЖСПП.
Претходно денеска пемиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за проблемите со загадувањето на воздухот, што изминатите денови го предизвикаа депониите Вардариште и Дрисла,а граѓаните од неколку скопски населби и изутрината се пожалија дека има чад, рече дека нелегалната депонија Вардариште е обезбедена а оти за Дрисла очекува до утре проблемот да се санира.
– Депонијата Дрисла иако во текот на вчерашниот ден беше речиси санирана, од некои чудни причини при крајот на ноќта повторно се распламти. Затоа со тоа денеска ќе се позанимава Министерството за внатрешни работи. Дрисла иако во текот на вчерашниот ден беше речиси санирана, од некои чудни причини при крајот на ноќта повторно се распламти, рече Мицкоски, посочувајќи дека на депонијата е ангажирана и градежна механизација од општествено одговорни компании.
септември 13, 2025