Свет
ЕП одобри пренамена на средствата од кохезивните фондови – повеќе пари за земјите долж источната граница на ЕУ

Европскиот парламент даде конечно зелено светло за измени во тековниот циклус на финансирање на кохезивната и социјалната политика на ЕУ, како одговор на новите предизвици и приоритети на Унијата.
Европратениците со 440 гласови „за“, 168 „против“ и 52 „воздржани“ ги поддржаа пренамената на средства од Европскиот фонд за регионален развој, Кохезивниот фонд и Фондот за праведна транзиција, а со 453 гласови „за“, 149 „против“ и 59 „воздржани“ го одобрија и Европскиот социјален фонд+.
Целта на измените е да се мобилизираат средства за справување со новите предизвици на ЕУ во услови на геополитичка нестабилност, со што се овозможува пренамена на парите за други потреби, како зајакнување на одбранбените индустриски капацитети и на воената мобилност, обезбедување пристап до вода, овозможување на достапно и одржливо домување, спроведување на декарбонизацијата, подобрување на енергетската инфраструктура или зајакнување на цивилната заштита и подготвеност и кибер безбедноста.
Покрај ова, со измените се предвидува и зголемување на поддршката за регионите на ЕУ што граничат со Русија, Белорусија и Украина за 9,5 отсто, како резултат на „нивните уникатни безбедносни предизвици и геополитичко значење“.
Со цел задржување на фокусот на кохезивната политика на поддршка на малите и средните претпријатија и на недоволно развиените региони, право на користење на средства за технологијата, одбраната и декарбонизацијата имаа само големите компании од областите на ЕУ каде просечниот бруто домашен производ по глава на жител е понизок од европскиот просек.
Како отстапка од ова правило се воведува т.н. „Важен проект од заеднички европски интерес“, за кој нема да важи одредбата за нивото на развиеност на регионот во кој тој треба да биде спроведен.
Инаку, како и другите финансирања од ЕУ, така и одвојувањето на средства за новите проекти согласно усвоените измени, е условено со почитување на принципите на владеење на правото во земјите апликанти.
септември 12, 2025