Вести
Тошковски: Нови 23 мотоцикли и опрема за сообраќајната полиција

Безбедноста во сообраќајот е наш важен приоритет, порачаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Горан Ангеловски при денешното примопредавање на опрема од РСБСП на МВР, која се состои од 23 мотоцикли „Piggio“ од 310 кубни сантиметри во полициска изведба и 23 комплети возачка опрема.
-Со денешниот настан ја истакнуваме нашата досегашна успешна соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, партнерство кое континуирано придонесува за подигање на нивото на сообраќајна безбедност. Ваквиот пристап е доказ дека заедништвото и координацијата меѓу институциите носат конкретни резултати за граѓаните, во овој случај за подобрување на безбедноста на патиштата, потенцираше министерот Тошковски.
Претседателот на РСБСП рече дека во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет и оваа година наменува дел од средствата за опремување на организациските единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола.
-Опремата се состои од 23 мотоцикли во полициска изведба со комплетна мотоциклистичка опрема – одела, чизми, ракавици и кацига, во вкупна вредност од 11.950.027 денари со што значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање и безбедност во сообраќајот. Овој пример уште еднаш ја докажува вредноста на меѓуинституционалната соработка, рече Ангеловски.
Заедно со министерот Тошковски се слогласија дека и во иднина ќе продолжи соработката помеѓу РСБСП и МВР на високо професионално ниво
септември 11, 2025