Култура
Кумановскиот театар со „Калигула“ ќе настапи на на МФКТ „Ристо Шишков“

Кумановскиот театар вечерва со претставата „Калигула“ ќе настапи на 33 издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, информираа денеска од Театар Куманово.
Во претставата играат актерите: Марко Трајковиќ, Илин Јовановски (к.г.), Александра Михајловска, Владанка Крстевски, Кети Дончевска Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Величковиќ, Никола Милошевски (к.г.), Владо Дојчиноски, Жарко Јовановиќ, Луна Маријановиќ (к.г.), Теодор Јакимовски (к.г.), како и гости-танчари: Ева Пауновиќ и Јована Таневска.
Режисер на „Калигула“, работена по текст на Албер Ками е Ѓорѓи Ризески.
-Нашиот Калигула е слободен човек, уметник, кој се бори и твори во името на слободата. Удира со главата во ѕидот и го руши. Не го прифаќа секојдневието во животот и војува за промени. Ја бара месечината, Друзила – невозможното. Тој не се води по шаблонот како сите останати луѓе во животот, туку твори во слобода, а не во лаги и проневери, не во рамки, не во правила. Нашиот Калигула ја прифаќа болката, сопствената и на другите. Сака да се ослободи од правилата на животот, и сака неговата душа да биде вечна. Да живее на крајот само во љубов, колку и апсурдно тоа да звучи. Сака да живее со Друзила, во задгробниот живот … и со сопствената ќерка. Среќни и вечни – засекогаш“, вели режисерот на претставата, Ѓорѓи Ризески.
Останатиот дел од екипата го сочинуваат: Ванеса Тримчевска – асистент на режија, Сашо Костовски – драматург, Симона Тоскиќ – продуцент, Мартин Манев – сценограф, Кети Пауновска Стевковска – костимограф, Алмир Бајрамоски – композитор, Сања Русеска – кореограф, Гордан Крстиќ – акробатика, Емил Пачковски – дизајн, фотографија и видео (и режија на документарен филм „Калигула“), Мишо Димитријевски – асистент на дизајн фотографија и видео, како и техничкиот дел на Театар Куманово.
септември 11, 2025