Connect with us

Свет

За руските медиуми упадот во полскиот воздушен простор е измислица и провокација на Киев

По синоќешното нарушување на полскиот воздушен простор за сега реагираше само рускиот вршител на должноста амбасадор во Полска, Андреј Ордаш и руските медиуми, при тоа истакнувајќи оти се работи за измислица.

Ордаш за „РИА Новости“ изјави дека Полска не доставила никакви докази кои укажуваат дека се соборени руски дронови.

Рускиот државен таблоид „Комсомолскаја правда“ се сомнева дека инцидентот воопшто не се случил, бидејќи нема докази оти дроновите биле лансирани од Русија и оти Полска не покажала никакви остатоци од соборените беспилотни летала.

Рускиот воен репортер Александер Киц наведува дека „тони руски дронови има во Украина, а да се донесат неколку стотина килограми во Полска за покажување на прес-конференција, не е никаков проблем“. Според него, тврдењето за соборување на руски дронови над Полска е „чисто политичка информативна бучава“ и е обид на Европа да „влијае врз (американскиот претседател Доналд) Трамп и да го оттргне од влијанието на (рускиот претседател Владимир) Путин“.

Весникот „Аргументи и факти“ објави разговор со поранешниот руски воен пилот, Владимир Попов, кој тврди дека руските дронови не можеле „да залутаат 50 до 60 километри во Полска“. Според него синоќешниот инцидент е провокација на Киев.

Украинците преправија руски дрон и го лансираа во право време за да предизвикаат инцидент, наведе Попов.

И „Московски комсомолец“ ја обвинува Украина за „цинична провокација“. Според весникот Киев најверојатно со употреба на систем за електронско војување „ги презел“ дроновите и ги насочил кон Полска.

„Московски комсомолец“ го цитира воениот коментатор Јуриј Кнутов кој тврди дека се работи за смислена операција за НАТО да има изговор да испрати 50.000 војници од Коалицијата на подготвените во Украина.