Свет
Еврокомисијата и Европарламентот постигнаа договор за поголема транспарентност и доверба

Претставници на Европската комисија и Европскиот парламент го усогласија текстот на Рамковниот договор насочен кон подобрување на меѓуинституционалните односи, довербата, транспарентноста и дијалогот.
– Силниот, ефикасен и транспарентен ангажман меѓу институциите на ЕУ е од суштинско значење за нашата демократија, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по повод постигнувањето на договорот.
Според неа, усогласениот рамковен договор ќе зајакне довербата меѓу ЕК и ЕП и ќе им овозможи заедно да постигнат уште подобри резултати, во духот на единството на ЕУ, при тоа на прво место имајќи ги интересите на граѓаните.
– Европската комисија со нетрпение очекува да ја одигра својата целосна улога во оваа подобрена соработка, во корист на сите Европејци, додаде Фон дер Лајен.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола оцени дека договорот ги зајакнува европската демократија, транспарентноста, отчетноста, соработката и довербата.
– Европејците беа јасни во анкетите на Евробарометарот. Тие сакаат посилен Парламент, со поголема улога во обликувањето на нашата Унија и подемократски надзор од страна на нивните избрани претставници, рече Мецола.
Усогласениот договор, според неа, ќе им овозможи на ЕК и ЕП подобро усогласување и комуникација и побрзо испорачување за граѓаните.
– Со овој договор, Парламентот ја потврдува својата позиција како срж на европската демократија, нагласи Мецола.
Со постигнатиот договор се утврдува еднаков третман на Европарламентот и Советот на ЕУ, при што Еврокомисијата добива улогата на „чесен посредник за пренесување на сеопфатни, навремени и детални информации со цел Парламентот да ги извршува своите законодавни и буџетски функции, како и своите должности на политичка контрола и консултации“.
Договорот, исто така, вклучува зголемени обврски за обезбедување подобро присуство на ресорните еврокомесари на пленарните седници на ЕП и неговите комитети, како и учество на Комисијата во други парламентарни активности, кога тоа ќе биде побарано од неа.
Договорениот одредби ги утврдуваат и условите кога ЕК може да бара европратениците да се изјаснат за некој предлог по скратена постапка, предвидуваат нејзина обврска за подобар проток на информации во врска со меѓународните договори и го регулираат начинот на нејзино постапување по барањата и предлозите на Европарламентот.
септември 11, 2025