Connect with us

Скопје

Граѓански собир во Аеродром, се бара итно решавање на проблемот со Вардариште и континуирано обезбедување на локацијата

Итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на Вардариште, континуирано обезбедување на локацијата за спречување нови палења, поставување ограда и камери на повеќе точки, како и итно одвојување финансиски средства и целосна реформа на системот на управување со отпад, бараат граѓаните кои попладнево во знак на протест ја блокираа раскрсницата кај паркот Авионче во Аеродром.

Од Граѓанска иницијатива „Стоп за Вардариште“, кои се организатори на протестот, во изјава за медиумите порачаа дека сакаат да ја алармираат јавноста и надлежните институции за сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата Вардариште, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината, нагласувајќи дека овој проблем не е нов, но неговата зачестеност и интензитет во последните месеци достигнаа алармантно ниво.

Од надлежните институции бараат и формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста.

Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Доста е! Вардариште не смее повеќе да гори, порачаа од Граѓанска иницијатива, нагласувајќи дека „овие активности не смее да бидат употребени за политички промотивни кампањи или агенди на одредени орагнизации, без разлика кого и да препознаете од политичката сцена на овој собир“.

Првиот собир беше организиран минатата недела преку повик на социјалните мрежи и продолжува со барање за решавање на проблемот со депонијата Вардариште.