Connect with us

Свет

Орбан: Миграциската политика на ЕК е неприфатлива, му благодарам на Салвини за одбраната на двете нападнати Унгарки

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска му се заблагодари на заменик-премиерот на Италија Матео Салвини затоа што „застанал во одбрана“ на две унгарски државјанки кои биле нападнати од мигранти во Катанија.

– Му благодарам на Матео Салвини, заменик премиер на Италија, што застана во одбрана на двете млади унгарски девојки кои во Катанија ги нападнаа мигранти. Овој напад исто така докажува дека миграциската политика на Европската комисија е неприфатлива. Наместо да ја сопрат миграцијата, тие се занимаваат со правни игри и бирократски сплетки, напиша Орбан на Фејсбук.

Тој оцени дека „неуспешната миграциска политика“ на ЕУ „довела до овој напад“.

– Овој случај на сексуално насилство паѓа на совеста на бриселските бирократи. Вака повеќе не може, предупреди премиерот на Унгарија и повика на „бунт против Брисел“.

Инцидентот се случил кога тројца мигранти нападнале две млади унгарски државјанки кои се враќале од плажа, откако претходно им понудиле превоз. Потоа ги однеле на осамено место каде што почнале да ги малтретираат. Напаѓачите подоцна биле уапсени, а според информациите, сите тројца мажи нелегално престојувале во Италија.

Виктор Орбан писмено побарал Европската унија да ѝ ги надомести на Унгарија трошоците за заштита на границите, потсетувајќи дека земјата спречила влез на повеќе од еден милион нелегални мигранти од 2015 година, но и покрај тоа се соочува со дневни казни од еден милион евра од Брисел, напиша претходно порталот Индекс.ху.

Порталот во својот напис објавен синоќа потсети дека Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, на 31 август одржа заедничка прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск кај челичната ограда поставена на белоруската граница и рече дека ЕУ „сериозно ја сфаќа заканата од Исток“, додавајќи дека Брисел ќе ја забрза програмата за одбранбени кредити SAFE – безбедносна акција за Европа, мобилизирајќи 150 милијарди евра за земјите членки, вклучувајќи ја и поддршката за развој на одбранбената и индустријата за вооружување.

По таа конференција во Полска, Орбан ѝ пишал на Фон дер Лајен, поздравувајќи ја нејзината изјава и наведувајќи: „Со интерес ја прочитав вашата изјава во Полска дека физичките бариери кои ги штитат надворешните граници на ЕУ се заедничка одговорност.“

– Во изминатите десет години, Унгарија заштитуваше значаен дел од границата на Шенген-зоната, финансирајќи го тоа исклучиво од нашиот национален буџет. Унгарија повеќепати бараше надомест за овие трошоци од Европската комисија. Меѓутоа, наместо политичка или финансиска поддршка, Унгарија се соочува со постојани критики и беше принудена да плаќа невидена дневна казна од еден милион евра, напиша Орбан.

Тој додаде дека Унгарија очекува „исто признание како и другите земји членки и финансиска поддршка за држење на милион мигранти надвор од блокот“, нагласувајќи дека „многу земји членки под значаен миграциски притисок решија да изградат физички бариери долж своите надворешни граници за да ја заштитат својата национална безбедност и безбедноста на своите граѓани“.

– Не само што државни актери ја користат миграцијата како оружје, туку и организирани криминални групи вклучени во трговија со луѓе, кои имаат врски со терористички организации и кои свесно или несвесно поддржуваат невладини организации што сакаат да донесат маси нелегални мигранти во Шенген-зоната преку западнобалканската рута, исто така претставуваат закана за ЕУ, напиша Орбан.