Connect with us

Свет

Здружението на полски хирурзи критикувано поради мизогинија

Полското друштво на хирурзи се извини откако предложените наслови за дебата на претстојниот 72. Конгрес беа критикувани како сексизам и мизогинија.

Контроверзните наслови беа „мажи против жени: Дали жените треба да бидат хирурзи. За и против“ и „Жени против мажи: Кој во полската хирургија работи повеќе, а кој е привилегиран“.

Ако го погледнете насловот, тоа не е неутрална тема за дебата, туку кодирана форма на исклучување. Ова го сведува присуството на жените во хирургијата на нешто контроверзно и ги претставува како „проблем што треба да се разгледа, наместо како целосно признати професионалци, изјави претседателката на Фондацијата „Жени во медицината“, Малгожата Осмола.

Насловите предложени за дебата на Конгресот на хирурзи, што треба да се одржи кон крајот на октомври беа осудени и од десетина невладини организации кои се залагаат за родна рамноправност и здруженијата на медицинарите.

Оваа дебата само ги зајакнува родовите стереотипи, но исто така ги поткопува достигнувањата и присуството на жените во хирургијата, област во која тие успешно и професионално работат со децении. Ваквите панели, без оглед на намерата, не треба да се организираат под покровителство на Полското друштво на хирурзи, се истакнува во соопштението на Фондацијата „Жени во хирургија“.

Полското друштво на хирурзи во одговорот наведува дека еден контроверзен панел е преименуван во „Хирургија без бариери: разговор за предизвиците и еднаквите можности за професионален развој“.

Претходно, истражување за дискриминација врз жените во медицинските професии во Полска покажа дека 83 проценти од испитаниците веруваат дека родовата дискриминација е широко распространет проблем во здравството, додека 73,5 отсто навеле дека лично ја искусиле за време на работата или студиите. Алармантно е што повеќе од 90 проценти од испитаниците изјавиле дека тоа го почувствувале на Медицинскиот факултет.