Connect with us

Култура

Отворена изложбата на скулптури „Душата на гроздот, приказна за станушина” во Кавадарци

,,Душата на гроздот, приказна за станушина”, е насловена изложбата на скулптури од Маја Танева, што денеска беше отворена во Куќата на мирис и вкус при Локалниот музеј галерија во Кавадарци.

Зорица Ташовска Илова, кустос историчар на уметност во Музејот, рече дека станува збор за уникатна уметница која инспирирана од автохтоната сорта грозје „станушина” којашто е симбол на Тиквешкиот регион и неговата вековна традиција, ја претвора лозата и гроздот во скулптурална форма.

Изложбата се состои од 12 скулптури, што зрно по зрно се изработени од челични јажиња- сајли и отпорни материјали што асоцираат на трајност, истрајност и цврстина, исто како и самата лоза.

– Маја го преобразува ладниот метал во органски форми, во впечатливи облици што раскажуваат приказна за плодноста и врската меѓу човекот и природата. Гроздот не е само симбол на виното, туку и сведоштво за тоа како уметноста може да го преобрази секојдневниот материјал во поетска форма. ,Душата на гроздот”, е приказна за идентитетот, корените и гордоста што ја носиме преточена во скулптура, нагласи Ташовска-Илова. 

Со оваа поставка, додаде, младата уметница не само што ја издигнува естетската вредност, гроздот како мотив, туку ја впишува македонската  винска традиција во современите уметнички дискурси. 

Танева е уметницата, чие дело го краси градскиот плоштад во Кавадарци.