Connect with us

Култура

Мицкоски: Обновената музејска поставка во Археолошкиот музеј е потврда дека земјава има длабоки корени и јасна визија за иднината

Во пресрет на Денот на независноста вечерва во Археолошкиот музеј е отворена обновената музејска поставка со којашто нашето културно наследство е прикажано на подостапен и интерактивен начин. На површина од 6.000 метри квадратни, распоредени во 107 модерни витрини, посетителите ќе можат да откријат повеќе од 5.000 археолошки предмети – од палеолитските алатки, неолитските култури, бронзеното и железното време, па сè до антиката, средниот век, османлискиот период и поновата историја од 19 и 20 век.

Поставката е организирана во 18 оддели, а, според Археолошкиот музеј, таа е вистинско патување низ времето и сведоштво за животот и културата во земјава од најстарите траги се до 20-тиот век. 

– Посебно значење имаат новите археолошки наоди откриени во последните години на истражувањата во Корошишта, Скупи, Тумба Маџари и на други локалитети. Тие сведочат дека археологијата не е завршена приказна, туку процес којшто постојано не изненадува и не збогатува со нови сознанија, рече директорката на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова.

Како што посочи, вечерва Археолошкиот музеј отвара едно ново поглавје и станува место каде посетителите ќе се враќаат повторно секогаш наоѓајќи нешто ново.

– Вечерва отвораме ново поглавје во нашата работа – отвораме поставка чие официјализирање не значи завршен чин, туку почеток на континуирана приказна што постојано ќе се надополнува, почеток на едно ново и динамично функционирање. Со оваа поставка ја поставуваме основата, но и обврската секој месец да внесуваме новитети, тематски изложби, современи интерпретации на старите наоди, дигитални алатки за интерактивно учење и дијалог со публиката. Музејот од вечерва станува постојано движечки простор кадешто посетителите имаат причина повторно и повторно да се вратат секогаш наоѓајќи нешто ново, истакна Манаскова.

За министерот за култура Зоран Љутков, со реотворањето на оваа автентична музејска поставка, се оддава почит на целото патешествие на овој народ, на неговата постојаност и на неговото достоинство.

– Затоа денес, не само што се присетуваме на 8 септември 1991 година, туку и одново ја потврдуваме смислата на еден историски избор. Да покажеме дека независноста е најжива тогаш кога корените се видливи, кога историјата не се затскрива, кога културното наследство не се претвора во заложник на дневните политички пресметки. Денес ја прославуваме тивката, но најдлабока победа – победата на вистината, нагласи Љутков во својот говор.

Независноста, како што рече, не се мери само со декларации и датуми, туку со тоа колку сме подготвени да се прифатиме себеси, да ја прифатиме сопствената историја и да ѝ дадеме глас, простор и почит.

– Денес, Македонија ја враќа својата вистина – не декларативно, туку материјално, јасно и видливо. Секоја витрина во овој музеј сега зборува со автентичен, научно заснован јазик. Секоја просторија е сведоштво за тоа кои сме, од каде доаѓаме и зошто оваа држава ја заслужуваме, рече Љутков.

Посочи дека по речиси седум години, првичната музејска поставка во Археолошкиот музеј се враќа во својот автентичен, научен и достоинствен облик.

– За жал, ниту музеите не беа поштедени од обидите за редефинирање на нашата колективна меморија. Дури и оваа, една од најзначајните институции на националната култура, беше подложена на погубна, себепонижувачка политика, која од петни жили се обидуваше да нè оддалечи од самите себе. Се менуваа поставки, се складираа артефакти, се бришеше континуитетот – сè во служба на туѓ интерес, а на сопствена штета, подвлече Љутков.

Годинава, преку Министерството за култура и туризам ќе се финансираат 49 археолошки истражувачки проекти со вкупна инвестиција од 17 милиони денари, односно 276 илјади евра. Од нив, 39 се проекти на национални установи, пет на локални музеи и пет на други истражувачки субјекти.

– Оваа држава има иднина затоа што не се срами од своето минато. И токму затоа, на овој 8 Септември, нека ни биде јасно – независноста е жива кога вистината е жива. А музеите, почитувани пријатели, се најтивките, но најупорните бранители на таа вистина, нагласи Љутков.

Според премиерот Христијан Мицкоски, отворањето на оваа поставка не е само културен чин, туку силна порака дека земјава ја цени својата историја. 

– По речиси седум години мораторум на претходната влада врз ваков значаен сегмент од нашата култура денес испраќаме порака дека нема повеќе застој, нема запоставување на она што е темел на нашиот идентитет. Нашата задача е да ја отвориме Македонија пред светот, да и овозможиме на јавноста, туристите, младите генерации да ја почувствуваат големината на културното наследство со кое располагаме, рече Мицкоски во својот говор.

Новата поставка, како што посочи, е повеќе од музејски експонат.

– Таа е прозорец кон светот со која ја унапредуваме промоцијата на нашата култура, ја јакнеме туристичката понуда и ја потврдуваме позицијата на Македонија со длабоки корени и јасни визија за иднината, порача премиерот на отворањето на поставката во Археолошкиот музеј.