Свет
Јапонската монархија пред предизвик: Хисахито може да биде последниот наследник

Јапонскиот принц Хисахито, првиот машки член на царското семејство што достигнал полнолетство во последните 40 години, денеска беше официјално прогласен за возрасен на сложен дворски ритуал, една година откако наполни 18 години.
Овој настан ја истакна загриженоста за иднината на најстарата монархија во светот, особено поради намалениот број членови на царското семејство и правилото за наследување само по машка линија.
Хисахито, втор во редот за „Тронот на хризантемата“ по својот татко, престолонаследникот Акишино, најверојатно ќе стане цар еден ден. Сепак, по него нема други машки наследници, што го покренува прашањето за укинување на одлуката од 19 век со која на жените им е забрането да го наследат тронот. Хисахито, студент на Универзитетот Цукуба, каде студира биологија, е страствен за вилинските коњчиња и коавтор е на научна студија за инсекти.
Роден на 6 септември 2006 година, Хисахито е единствениот син на принцот Акишино и принцезата Кико, и има две постари сестри, принцезите Како и Мako, од кои втората го загуби царскиот статус поради брак со некралска личност. Царот Нарухито, чичко на Хисахито, има само една ќерка, принцезата Аико, која, иако е многу популарна, не може да го наследи тронот според сегашните закони.
Историчарите проценуваат дека јапонската монархија трае 1.500 години, а во минатото осум царици владееле, последната од нив, Го-Сакурамачи, од 1762 до 1770 година. Законот од 1889 година го ограничи наследувањето само на мажи.
Во 2005 година, владата предложи промени за да се дозволи жените да го наследат тронот, но раѓањето на Хисахито го запре тој процес. Во јануари 2022 година, конзервативен панел препорача задржување на машката линија и усвојување машки потомци од други кралски семејства, но дебатата за ова прашање е во застој.
Според Шинго Хакета, поранешен шеф на Агенцијата за царското домаќинство, Хисахито сам ја носи тежината на иднината на монархијата. Конзервативниот весник „Јомиури“ во мај повика на итна ревизија на Законот за царското домаќинство за да се даде кралски статус на сопрузите и децата на принцезите и да се дозволи жените да го наследат тронот.
септември 7, 2025