Connect with us

Скопје

Од 10 септември почнува Меѓународниот фестивал на комедија „Гола месечина“

Од 10 до 13 септември во паркот Аеродром (Авионче) ќе се одржи XII Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ на кој ќе бидат одиграни четири претстави.

На првиот фестивалски ден со почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е на Градско позориште Јазавац – Бања Лука, Босна и Херцеговина, во која играат Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ.

На 11 септември ќе се одигра претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.

На 12 септември на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од Сцена Маска – Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.

На 13 септември ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш. Во претставата, која е дел од Театар Керекеш – Вараждин, Хрватска, играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња.

 Истата вечер, од 21:20 часот, како дел од пропратната програма, ќе настапи Бојан Велевски со својот стенд-ап настап.

Годинашен селектор на фестивалот е Роберт Ристов,  а на последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите на фестивалот, за кои ќе одлучува жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов.