Скопје
На 13 септември концерт „Нешто што ќе остане“ во Паркот на франкофонијата

На 13 септември ќе се одржи концертот „Нешто што ќе остане“ во Паркот на франкофонијата кадешто ќе настапат македонските изведувачи Кристина Арнаудова, Викторија Лоба, Барбара Поповиќ, 2 Бона, Елена Ристеска и Дарио со Миг-21. Вечерта ќе ја води Вера Јанковиќ.
Музичарот Дарио Панковски преку видео обраќање ги поканува сите скопјани наредната сабота да бидат дел од овој музички хепенинг.
– Би сакал да ве известам дека на 13 септември во сабота ќе се видиме токму овде, во Градскиот парк Скопје, во Паркот на Франкофонија. Имено, Општина Центар го организира својот традиционален музички хепенинг наречен „Нешто што ќе остане“. Па по тој повод, јас и мојот бенд МИГ- 21, ќе ги отсвириме своите најголеми хитови, ќе направиме еден „Greatest hits“ концерт за сите вас кои ќе бидете тука. И тоа ќе бидат оние песни кои исто така влегуваат во онаа шема „Нешто што ќе остане“. Се надевам дека ќе се видиме во голем број и ќе направиме одлична забава. 13 Септември, сабота, навечер од 19:30 па натаму, некаде до полноќ, ќе пееме сите заедно. Се гледаме, поздрав!, вели Дарио.
Според градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со „Нешто што ќе остане“ се промовира македонската музика.
– Ајде, сите заеднички следната сабота да уживаме во добра македонска музика, имаме одлични изведувачи кои ќе се погрижат вечерта да биде незаборавна. Ве чекам, на 13 Септември, во 19:30 часот во Паркот на Франкофонијата. „Нешто што ќе остане е симболот на културната програмата на Центар, во сабота создаваме заеднички спомени“, истакнува Герасимовски.
Концертот е бесплатен за сите посетители и е во реализација на Општина Центар.
септември 7, 2025