Connect with us

Вести

За два месеци пуштивме 34 километри автопат, кажа вицепремиерот Николоски за делницата Охрид-Кичево

Втората делница од автопатот од Кичево до Охрид во должина од 17 километри од Климештани до Охрид денеска ја пуштивме во собраќај. За два месеци вкупно 34 километри пуштивме за сообраќај во активна употреба што веќе претставува многу повеќе од половина од целиот автопат, а до крајот на следната година останува да го завршиме целиот автопат. Разликата е јасна, претходно седум години ништо не се работеше, сега со посветена работа успеваме овој автопат да го градиме и да го пуштаме во сообраќај, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков го пуштија во сообраќај, делот од Климештани до Охрид.

Вицепремиерот Николоски потенцира дека ова е многу значајна делница која ќе придонесе за развој на економијата, туризмот и севкупниот развој на охридскиот регион. Како што истакна овој автопат е симбол за посветена работа и симбол за неработењето на претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ.

Во продолжение интегралната изјава:

“Би сакал да посакам овој автопат што повеќе да се користи, да носи што повеќе туристи и во Охрид и во Струга, да носи што повеќе бизнис кој што ќе оди кон овој дел на државата, исто така и преку коридор 8 ќе оди кон соседна Албанија и ќе ја поврзува Македонија со пристаништето во Драч. Исто така посакувам околу овој автопат да се развиваат стопански субјеки кои што ќе значат што повеќе луѓе да си ја наоѓаат среќата тука.
Ова беше заборавен проект, ова беше напуштен проект кој претходната Влада целосно го имаше запоставено и проект симбол и неспособност за работењето на претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Кога бевме избрани минатата година, еден од првите разговори кои што ги имавме со Премиерот беше токму овој проект и решивме да се зафатиме и да го завршиме и еве вторпат за помалку од два месеци пуштаме втора делница. Првата во должина од 20 км, од кои 17км се во активна употреба и овие 17 км, вкупно 34 км во активна употреба што веќе претставува многу повеќе од половина од целиот автопат, а до крајот на следната година останува да го завршиме целиот автопат.
Разликата е јасна и јасно покажува разлика во пристапот и работата. Претходно 7 години не се работеше ништо, беше уништен и постојниот магистрален пат, граѓаните на Охрид, Струга, Кичево и останатите места не можеле ни да пристапат до меѓународниот аеродром, а денес имаме меѓународен аеродром Св. Апостол Павле кој е автопатски поврзан, што е голема работа. Двата аеродроми да бидат автопатски поврзани како би се зголемил и авиосообраќајот на кој што многу работиме, да се зголеми бројот на туристи кои доаѓаат во Македонија, луѓе да прават бизнис и луѓе кои едноставно сакаат да ја посетат државата.
Би сакал лично да се заблагодарам на Премиерот за подршката, големи проекти не се работат без дневна посветеност и дневна подршка, ние на дневна основа се координираме за оваа работа. Да се заблагодарам на директорот на ЈП за државни патишта, МВР и на сите кои беа вклучени. Пред нас следуваат нови предизвици, очекувам за месец и половина да се заврши и клучката кај Требениште и да биде ставена во функција. Исто така ги воведуваме и изведувачите за стабилизација на косините најголемиот проблем на овој автопат и заеднички да завршиме и да го сработиме . Овој автопат треба да се надоврзе на автопатот кој ќе оди од Букојчани до Кичево за што има активна постапка за избор на изведувач и од Букојчани до Гостивар активно се работи и очекувам крајот на 2028, почеток на 2029 година да имаме целокупно автопатско решение кои ќе оди од Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево-Стуга и Охрид.

Нека е со среќа и аирлија “ – изјави вицепремиерот Николоски.