Општини
Во Кавадарци се одржа традиционалниот „Тиквешки карневал”

Во рамките на традиционалната тридневна манифестација „Тиквешки гроздобер 2025″, вечерва во Кавадарци се одржа „Тиквешкиот карневал”.
Меѓу гостите на манифестацијата беше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој заедно со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и други гости, симболично откинаа гроздови.
Во карневалското дефиле низ центарот на градот продефилираа 23 карневалски групи од земјава и странство, а меѓу нив и кралицата и кралот на Гроздоберот.
Тиквешкиот гроздобер 2025 е симбол на традицијата, културата и духот на Кавадарци. Овој настан не е само манифестација, тоа е симфонија на вкусови, бои и насмевки. Грозјето што го вкусуваат нашите гости го носи во себе трудот на лозарите, а секоја капка вино е приказна за нашата земја и за љубовта кон културата и традицијата, рече градоначаланикот на Кавадарци Митко Јанчев пред карневалот, при приемот на делегации во Винскиот музеј за регионот Тиквеш.
Тој истакна дека Тиквешкиот гроздобер ги спојува генерациите – младите што се радуваат на карневалските маски и постарите кои со гордост ги раскажуваат приказните на минатото.
Овој настан ги спојува локалното со меѓународното, традицијата со современото, гостопримството со радоста на дружењето, подвлече градоначалникот.
Првиот гроздобер и карневал бил во 1964 година. Манифестацијата, според историчарите е продолжување на една богата и стара традиција, која на овие простори се одржувала уште од времето на античкиот период, кога во чест на боговите Дионис и подоцна Бахус, биле одржувани посебни забави со денови, на кои присуствувало целокупното население.
-Виното претставувало култен пијалок на сите сталежи, со него можело да се плати данокот на државата, а служело и како платежно средство. За ова наоѓаме голем број остатоци на древните тиквешки локалитети како што се антички плочи, релјефи, мозаици, велат историчарите.
Притоа потсетуваат дека во 2006 година беше откриен цел еден храм посветен на богот Дионис на локалитетот кај селото Дреново, подоцна и две камени корита на истиот локалитет за преработка на грозјето.
-Денеска Тиквешкиот гроздобер претставува една од најзначајните културни туристички и стопански манифестации што се одржуваат во Кавадарци и е препознатлив белег на општина Кавадарци, додадоа тие.
Според етнолозите, традицијата на одгледување грозје и правење вино во Тиквешијата и го донесоа на нашата држава епитетот винарска земја.
септември 7, 2025