Connect with us

Скопје

Промовиран Отчетот на општина Илинден за 2021 – 2025 година

Со интонирање на химната на Република Македонија, во изведба на оперскиот пејач, Никола Стојчески, во преполната сала на Домот на култура „Илинден“, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски го промовираше четиригодишниот Отчет, односно Извештајот за работењето на Општина Илинден за периодот од ноември 2021 до јули 2025 година, како и промоција на кандидатурата за нов мандат. На настанот присуствуваа пратеници, советници, претставници од бизнис секторот, како и голем број граѓани на општина Илинден.

Започнувајќи од истакнатиот период, ноември 2021 до јули 2025 година, Општина Илинден бележи значителен развој во сите сегменти. Значаен и за поздравување е фактот што Општина Илинден е лидер во Република Македонија која посветено, грижливо и во континуитет работи за развојот и го одржува рејтингот на модерна, урбана и привлечна средина за живеење на сите генерации.

Во изминатите 4 години градоначалникот Александар Георгиевски со својата посветена работа и ангажман, создаде услови Општина Илинден да стане современо, достоинствено и посакувано место за живеење. Место каде секој граѓанин ќе биде уважен и вреднуван, каде младите ќе имаат перспективна и светла иднина, семејствата ќе живеат спокојно, а повозрасните ќе ја добиваат заслужената почит.

„Изминатите години беа исполнети со труд, со заеднички напори, со многу предизвици, но и со огромни успеси. Она што денес го презентираме не е само отчет, туку, заеднички приказ на сработеното на сите нас кои живееме, работиме и вложуваме за поубава, поуспешна и подобра општина Илинден“ – изјави градоначалникот Георгиевски.

Градоначалникот додаде дека во изминатите години поголем дел од капиталните проекти во областа на патната и комуналната инфраструктура, образованието, културата, животната средина, проекти во делот на спортот и уште многу други кои допринеле за подобрување на условите за живеење во Општината се во голема мера реализирани. Градоначалникот, исто така, изрази голема благодарност и до премиерот за несебичната и постојана поддршка, како и до граѓаните за дадената доверба.

Овој настан кој ја отслика четиригодишната работа на Општина Илинден, беше збогатен и со настап на естрадниот уметник, Ѓоко Јовиќ од Енерџи бенд, со изведба на прекрасна македонска песна.