Connect with us

Вести

Образецот за запишување за додипломски студии достапен на порталот за е-услуги

Студентите на додипломски студии (прв цикус) имаат можност онлајн да го пополнат образецот за запишување семестар. Образецот е достапен на Националниот портал за е-услуги www.uslugi.gov.mk

Со оваа дигитална алатка, студентите и универзитетите заштедуваат време и трошоци, а Државниот завод за статистика добива точни и навремени статистички податоци од областа за високото образование.

– Оваа услуга е наменета за сите студенти и високообразовни институции со цел да се поедностави, забрза и дигитализира процесот на поднесување и обработка на податоците. Наместо долгите процедури и хартиените документи, сега образецот може целосно да се пополни и испрати онлајн – брзо, ефикасно и без административни бариери, истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната прес-конференција на која беше промовирана оваа дигитална алатка.

Во координација со Државниот завод за статистика, во наредниот период се планира целата група на услуги поврзани со студирањето да бидат интегрирани и достапни преку Националниот портал за е-услуги – www.uslugi.gov.mk.

– Секој студент може на брз, едноставен и лесен начин да го полни образецот по што ќе добие потврда за успешно пополнет образец којшто потоа електронски треба да го достави до Студенски прашања. На овој начин се обезбедува поедноставно пополнување на статистичките обрасци, зголемена ефиканост на статистичките процеси и навремено производство на високо квалитетни статистички податоци со пониски трошоци како за студентите, така и за Статистика, истакна директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков. 

Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Владата за целосна дигитализација на јавните услуги, со што се овозможува побрз, потранспарентен и подостапен јавен сектор за сите граѓани.