Регион
(Видео) Србија гореше, инциденти на масовните протести во Нови Сад

Синоќа во Нови Сад блокадерите нападнаа полиција и се обидоа да го запалат Филозофскиот факултет, во кој имало луѓе, со што биле загрозени нивните животи. Насилството кулминирало со брутален напад врз припадниците на полицијата и Жандармеријата.
Кршење огради и напади со шипки
На снимките се гледа како насилниците со шипки удираат по полицајците, кршат огради и ги користат за насилство. Претходно, пред Филозофскиот факултет биле запалени бакљи и полицијата била гаѓана со различни предмети.
И покрај тоа, полицијата реагирала професионално и успеала да го спречи, како што е наведено, „обидот за предизвикување граѓанска војна“. Силите на полицијата и Жандармеријата ги потиснале насилниците кон Кејот и спортскиот центар Спенс.
Вучиќ: Повредени 11 полицајци
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека полицијата постапила максимално професионално, но дека во немирите се повредени 11 полицајци.
„Она што е важно е дека ќе ја сочуваме безбедноста и стабилноста на Србија,“ истакна Вучиќ, додавајќи дека досега се уапсени повеќе лица и дека бројот на приведени ќе расте.
Тој обвини дека полицијата била нападната со пиротехника и други средства и упати критики до обвинителството дека ги игнорира нападите врз полицијата.
„Тие што напаѓаат полиција се обични кукавици и бедници кои удираат на луѓе виновни само затоа што ја вршат својата работа. Тие ќе продолжат да си ја вршат работата, а кукавиците никогаш нема да победат,“ порача Вучиќ.