Connect with us

Свет

Њузмакс ја тужи Фокс њуз за незаконско задушување на конкуренцијата и монопол

Американската телевизија Њузмакс поднесе федерална тужба против Фокс њуз, обвинувајќи ја медиумската куќа за злоупотреба на монополска положба и блокирање на конкуренцијата на пазарот на десно ориентирани кабловски канали.

Компанијата Њузмакс соопшти дека во федералниот суд на Флорида покренала антимонополска тужба против Фокс Корпорејшн (Fox Corporation) и Фокс Њуз нетворк (Fox News Network).

Во тужбата се наведува дека Фокс со години ги присилувал дистрибутерите да потпишат договори кои го ограничуваат растот на конкурентите како Њузмакс, ги зголемуваат цените и го намалуваат изборот за гледачите.

Исто така, се тврди дека Фокс вршел притисоци и заплашувања на гости, како и дека водел кампањи за дискредитација против Њузмакс.

Директорот на Њузмакс, Кристофер Руди, изјави дека целта на процесот е „да се врати правичноста на пазарот и да им се овозможи на гледачите вистински избор“.

Според федералниот закон, секоја доделена отштета во овој случај ќе биде зголемена за три пати – што значи дека Фокс ќе се соочи со значителна финансиска одговорност доколку Њузмакс ја добие тужбата.

Фокс њуз ги отфрли обвинувањата, и во коминике наведе дека „Њузмакс“ не успева да привлече гледачи и се обидува преку судски тужби да ги правда сопствените неуспеси.