Connect with us

Свет

Трговската размена на земјоделско-прехранбени стоки во ЕУ во мај со суфицит од 2,9 милијарди евра

Трговијата со земјоделско-прехранбени производи во ЕУ остана стабилна во мај 2025 година, обезбедувајќи трговски суфицит од 2,9 милијарди и покрај растот на цените на клучните увозни стоки, покажува најновиот Извештај на Европската комисија за трговската размена на земјоделски и прехранбени производи на Унијата. 

Според Еврокомисијата, ваквите податоци укажуваат дека земјоделско-прехранбениот сектор на ЕУ останува стабилен и ја потврдува својата сила и во услови на предизвикувачки трговски контекст. 

Вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ во трети земји во мај годинава достигнал 19,9 милијарди евра, што претставува намалување за еден процент во споредба со претходниот месец, но и зголемување за еден отсто во однос на мај 2024 година. 

Во периодот јануари-мај 2025 вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи достигнал 99,6 милијарди евра, што претставува зголемување за 2,3 милијарди евра или два проценти во споредба со истиот период лани. 

Најголем пазар за пласман на европски земјоделско-прехранбени производи останува Велика Британија на која отпаѓа 23 отсто од вкупниот извоз на ЕУ на вакви стоки. Европскиот извоз на британскиот пазар годинава бележи раст од четири проценти за 964 милиони евра, главно поради повисоките цени на производите од какао. 

Извозот во САД пораснал за 700 милиони евра или шест отсто, пред се поради растот на цените на производите од какао, жестоките пијалаци, млечните производи и виното. 

Од друга страна, извозот на европски производи во Кина се намали за 619 милиони евра или 11 отсто, главно поради драстичното намалување на обемот на пласирани житни култури.

По групи, најголем номинален раст на европскиот извоз се бележи во кластерот „кафе, чај, какао и зачини“ и тоа за 1,6 милијарди евра или 39 отсто, пред се поради двојното зголемување на цените на какаото и поскапувањето на кафето за 30 проценти. Како резултат на ова се бележи и раст на номиналниот извоз на чоколада и кондиторски производи за 831 милиони евра или 20 проценти, иако биле пласирани помали количества на овие стоки. 

Раст од седум отсто или 574 милиони евра бележи и извозот на млеко и млечни производи, иако и туку има намалување на обемот на извезени количества. 

Извозот на европски житни култури се намали за 1,3 милијарди евра или 22 отсто, пред се поради падот на обемот на извезени продукти од оваа група за 28 проценти. 

Наспроти ова, иако обемот на извоз на маслинки и маслиново масло се зголемил за 17 отсто, падот на цените на овие производи резултирал со намалување на номиналниот извоз за 459 милиони евра или 14 проценти. 

Од друга страна, увозот на земјоделско-прехранбени производи во ЕУ од трети земји во мај годинава достигнал 17 милијарди евра, што претставува зголемување за четири проценти во однос на претходниот месец и за 15 отсто во однос на мај 2024 година. 

Во првите пет месеци од годинава вкупниот земјоделско-прехранбен увоз во ЕУ достигнал 81,5 милијарди евра, што е зголемување за 11,5 милијарди евра или 16 проценти во споредба со периодот јануари-мај 2024 година. 

Главен увозен партнер на земјоделско-прехранбени стоки на ЕУ годинава останува Бразил со увоз од 7,5 милијарди евра, што претставува зголемување за 591 милиони евра или девет проценти, пред се поради повисоките цени на кафето. 

Увозот од Велика Британија достигнал 6,5 милијарди евра, што е раст за 336 милиони евра или пет проценти, а од САД се искачил на 5,9 милијарди евра, со што се зголемил за 878 милиони евра или 17 отсто, најмногу поради зголемениот пласман на американски пченка, јаткасти плодови и жестоки пијалаци на европскиот пазар. 

ЕУ најголем раст на увозот бележи со Брегот на Слоновата Коска и тоа за 1,8 милијарди евра или 68 отсто, на што најголем дел отпаѓа на какаото, по што следува Канада со зголемување на увозот за 933 милиони евра или 93 проценти, главно на житни култури и репка. На третото место е Кина со раст на увозот за 868 милиони евра или 24 отсто, а на четврто Австралија чиј пласман во ЕУ е зголемен за 790 милиони евра или за 111 проценти. 

Спротивно на ова, увозот во ЕУ од Украина е намален за 687 милиони евра или 12 проценти, а од Русија за 480 милиони евра или 74 отсто. 

Како главна причина за растот на обемот на увозот во ЕУ се посочува зголемувањето на цените на одредени производи. Така, увозот во групата „кафе, чај, какао и зачини“ пораснал за 6,9 милијарди евра или 62 отсто, додека увозот на „овошје и јаткасти плодови“ се зголемил за 1,8 милијарди евра или 18 проценти.  

Увозот на маслинки и маслиново масло се намалил за 378 милиони евра или 41 отсто, а на шеќерот и глукозно-фруктозен сируп за 347 милиони евра или 39 проценти.