Култура
Театарот „Чекори“ со две гостувања во Хрватска, најавени нови проекти и монографија

Алтернативниот аматерски театар „Чекори“ од Скопје со претставите „No Exit“ и „Ехо на заборавот“ денеска и 18 октомври ќе гостува во Хрватска. Воедно, театарот најавува нови проекти, меѓу кои „Среќни денови“ од Семјуел Бекет во соработка со актерката и режисерка Снежана Коневски Руси, проект за деца и млади, како и неколку други иницијативи. Во подготовка е и монографија по повод 50-годишнината на театарот, како и снимање на филм.
Денеска театарот ќе настапи во Славонски Брод на „Фестивал аматерских казалишта“, организиран од „Сатирично казалиште младих“. Ќе биде изведена претставата „No Exit“ од Жан Пол Сартр, во режија и адаптација на Маја Ѓурчевска, со асистенција на Никола Димевски. Претставата е дел од летната турнеја што претходно се одржа во Скопје и Струга, а во неа настапуваат Нина Неделкоска, Иван Делиманов, Милена Блажеска и Јована Гаврилоска.
На 18 октомври, „Чекори“ ќе настапи и во Загреб со претставата „Ехо на заборавот“ од Ирем Генишел Бешкоска, селектирана за „Казалишне вечери националних мањина“. Претставата, која премиерно беше изведена во мај во Скопје, е во режија и адаптација на Маја Ѓурчевска, а во неа играат Михаил Митевски, Никола Кузмановски, Јована Гаврилоска, Иван Делиманов, Никола Димевски, Маја Ѓурчевска, Ирем Генишел Бешкоска и Валентин Видовиќ. Музиката е на Видовиќ, а рекламниот материјал за двете претстави го изработи Љубица Делиманова.
септември 5, 2025