Регион
Србија прва во регионот по учеството на жени во власта

Србија е на 22 место во светот, меѓу 193 држави членки на Обединетите нации, според учество на жени во власта, покажува најновиот Индекс на женска моќ (Women’s Power Index).
Србија на европската ранг-листа е на 11-то место, додека во регионот на Балканот е на прво.
Според ова истражување, Србија оствари резултат од 53 бода, со што се вброи пред Албанија (52 бода), Хрватска (39), Црна Гора (29), Северна Македонија (28), Бугарија (22), Унгарија (17), Романија (15) и Босна и Херцеговина (15).
Во светски рамки, Србија е до земји како Чиле и Доминиканската Република, кои го делат 23 и 24 место со ист резултат, додека зад неа се голем број членки на ЕУ. Пред неа, меѓу другите, се Руанда (1. место, 56 бода), Велика Британија (20 место, 55) и Јужна Африка (21 место, 55).
На европската листа, Србија е позиционирана веднаш зад Молдавија, Швајцарија и Велика Британија, а пред Албанија, Данска и Монако, пренесе „Политика“.
Резултатот на политичкиот паритет го изразува вкупното учество на жени во структурите на власта на сите нивоа, додека максималниот резултат (100) означува рамномерна застапеност на мажи и жени – по 50 проценти.
септември 5, 2025