Connect with us

Регион

Подготовки на српските ВВС за парадата – Од денеска до 20 септември над Белград ќе надлетуваат воени авиони

Во рамките на подготовките за воената парада „Силата на единството“, авиони на српските ВВС ќе летаат над подрачјето на Белград од денеска до 20 септември 2025 година, соопшти Министерството за одбрана на Србија.

Началникот на ГШ на српските вооружени сили, генерал Милан Мојсиловиќ, посети дел од единиците на српските вооружени сили кои интензивно се подготвуваат за големата воена парада, што ќе се одржи на 20 септември во Белград под слоганот „Силата на единството“, и истакна дека тогаш силата на српската војска ќе биде претставена пред домашната и странската јавност.

Парадата ќе се одржи по повод Денот на српското единство, слободата и националното знаме, а во таа фаза од подготовката единиците вежбаат заедно на воените аеродроми во Батајница и Ковин, како и во касарната на Воената академија во Бањица, соопшти Министерството за одбрана.